© индивидуална слобода и просперитет

МИСИЈА

Јас сум Харис Курбардовиќ, по професија Андроид девелопер, кој во слободно време чита пред сѐ Австриска економија. Голем промотер сум на индивидуална слобода, некоерзивна власт, и слободни пазари.

Сметам дека нашето општество (за жал) никогаш не уживало вистинска слобода и како последица не доживеа вистински просперитет. Мојата цел, како млад поединец кој живее во едно такво општество, е да го изразам моето скромно мислење за многуте проблеми со кои се соочува нашата држава.

 

Сигурен сум дека од бројните теми кои ќе ги покријам, ќе најдете повеќе од една со која нема да се согласувате. Познатиот Австриски економист Лудвиг вон Мисес, многу умно потенцирал дека несогласувањата се почести кај луѓето кои подолго време се имаат посветено на одредена тема. Два експерта по Физика ќе најдат повеќе работи во кои не се согласуваат отколку две индивидуи кои немаат читано литература за природнава наука.

Навлегување во дебата само може да ни помогне како општество меѓусебно да се едуцираме. Со оглед на мојот бекграунд и годините кои ги имам зад мене, уверен сум дека во процесот на изразување на моето мислење на разни теми, ќе има луѓе кои ќе ме разубедат во одредени работи.

Целта не ми е било кого да едуцирам или само да го споделам моето мислење и да продолжам понатаму, туку напротив - меѓусебно да се едуцираме за различните проблеми на кои им е неопходно нашето внимание.

Темите кои ќе ги опфаќам на мојот блог пред сѐ ќе бидат поврзани со економија, право, историја, и политика. Верувам дека постојат големи заблуди за различните економски системи,  вистинските опасностите по нашите основни човекови права, нивото на овластувањето на една власт, итн.

 

Единствен начин да напредуваме како општество и да доживееме вистински просперитет е преку меѓусебна едукација.