© индивидуална слобода и просперитет

  • Харис Курбардовиќ

Економија и право во неколку реченици

Updated: Jan 1

Економија

Економија како социјална наука е многу едноставна - барем делот кој е доволен за да разбереме кој систем најмногу ни одговара на сите нас. Треба само да одговориме на две прашања:

  1. Како се крева стандардот на живот? Одговорот е едноставен - што е можно пооптимална распределба на капиталните ресурси.

  2. Кој систем ни овозможува што е можно пооптимална распределба на капиталните ресурси? Одговорот е пак едноставен - слободни пазари.

Доколку некој сака да докаже дека постои подобар економски систем од капитализам тогаш мора да објасни како може тој систем пооптимално да ги распредели лимитираните капитални ресурси. FYI: Што е можно пооптимална распределба на капиталните ресурси = повисок стандард на живот за сите нас. Доколку се согласувате дека слободните пазари се најоптималниот начин да ги распределиме лимитираните капитални ресурси тогаш автоматски се согласувате дека мораме да дозволиме слободните пазари да фунционираат без било какви пречки. Од економска гледна точка, слободни пазари во едукативниот и здравствениот систем = пониски цени и/или подобра услуга. Доколку сакате некого да убедите дека не смееме да дозволиме слободни пазари во некоја индустрија тогаш морате не-економски аргумент да создадете.

Право

Зошто имаме влада? Одговор: заштита.

Владата е тука да нѐ заштити од мал број на злобни луѓе кои ја напаѓаат нашата приватна сопственост - физички напад (телото е нашата приватна сопственост) и/или кражба. Сите се согласуваме дека владата е тука да нѐ заштити што автоматски значи дека владата не смее да прави работи кои што треба да ги спречува. Ова значи дека една влада не смее да одземе нешто што Ви припаѓа на Вас за да ми го прераспредели на мене. Било каква прераспределба на ресурси не смее да се дозволи во едно слободно и цивилизирано општество кое почитува приватна сопственост. Според тоа што го заклучивме погоре, било какво мешање на владата во економијата значи понизок стандард на живот за сите нас (кога велам за сите нас сакам да кажам кумулативно, одредени индивидуалци бенефицираат поради мешањето на владата и тоа на сметка на сите останати). Не само што ова значи понизок стандард на живот, туку исто така владата ја самоуништува причината за нивното постоење (заштита). Пример: Доколку владата воспостави некаква субвенција (субвенции се легализирана кражба - одземаат ресурси од луѓе кои не го купуваат субвенционираниот производ и ги прераспределуваат до оние кои го купуваат производот) тогаш истата напаѓа приватна сопственост иако е создадена токму тоа да го спречи.

Заклучок

Ова е некаков минимум на работи кои мораме да ги разбереме доколку сакаме да живееме во слободно, цивилизирано, и просперитетно општество. Во спротивно политичарите ќе продолжат да ги користат привилегиите на владата за нивен личен бенефит - привилегии кои една влада не смее да ги поседува. За крај потсетување: 1. Доколку постои економски систем кој може поефикасно да ги распредели капиталните ресурси, кој е тој систем и како ги распределува ресурсите поефикасно од слободните пазари? 2. Доколку владата е тука да нѐ заштити тогаш зарем не значи тоа дека владата нема право да прераспределува расурси? Исто така, доколку ѝ ја врачиме таа привилегија (прераспределба на ресурси), колку треба да сте наивни за да очекувате дека истата привилегија политичарите нема да ја искористат за нивен бенефит?