• Харис Курбардовиќ

Левица е ужасна алтернатива

Updated: Oct 2, 2019

Читајќи го воведот на програмата на Левица добивам впечаток како да читам сопствена критика кон моменталниот систем, дури откако ќе стигнам до понудените решенија на нашите наивни социјалисти ја приметувам големата разлика помеѓу моите и нивните ставови. Верувам дека ова е главната причина поради која голем дел од младите ги привлекува алтернативата на воспоставениот естаблишмент.

За жал денес поголемиот дел од популацијата се недоволно истренирани за да можат вешто да ги анализираат предлозите на Левица, токму поради тоа нивните скриени намери остануваат скриени.

Не е лесно за човек како мене да чита програма на социјалистичка партија без да се нервира... во секој нивен предлог ги воочувам нивните обиди да ја пренасочат моќта во нивни раце од рацете на народот. Запомнете дека владата која ја поседува моќта многу да ни даде истовремено ја поседува и моќта многу да ни одземе. Иницијалниот план беше во оваа статија да ги поминат сите точки од програмата но така статијата би станала премногу долга. Стигнав до третата точка и веќе го надминав поставениот лимит од 10.000 зборови. Можеби во иднина ќе напишам и втор дел но навистина не верувам дека ќе има потреба. Убеден сум дека во оваа статија има доволно материјал за секој кој е заинтересиран за вистината да ја пронајде истата. За оние кои слепо сакаат да врачат голема моќ на мал број на луѓе им препорачувам да читаат повеќе историја пред да се откажат од својата индивидуална слобода за празни ветувања. На крај би сакал исто така да додадам дека мојата цел не е да ги анализирам мотивите на Левица, дали тие се екстремно наивни или екстремно злобни е нерелевантно за мене. Дополнително, мојата критика кон Левица не треба било кој да ја разбере како некаква поддршка кон било која друга партија. Во иднина ќе го споделам моето мислење и за другите партии - тука пред се мислам на двете главни партии во нашата држава. Националните партии ќе ги игнорирам - било која партија која застапува само одреден народ не треба сериозно да се земе во предвид.


Вовед: Кон општата човечка еманципација

Воведот е нешто што очекував да прочитам од една социјалистичка партија - ветувања дека тие се наши луѓе, дека богатите се злобни и дека нѐ искористуваат, и дека сите ние заедно мораме да ја вратиме моќта во 'наши' раце и да се избориме за нашите 'права'.

На самиот почеток од воведот, Левица се жали за тоа како капитализмот е некако главниот проблем на нашата држава (својствено за социјалистичка партија).

Имам напишано статија за капитализам и за социјализам и ги советувам сите оние кои ги немаат прочитано да го направат истото затоа што не би сакал да се повторувам тука. Вистината е дека најнапредните општества се капиталистичките. Истовремено, државите во кои најмногу се емигрира се исто така капиталистички. Се прашувам зошто низ историјата ниеден народ било кога не емигрирал од слободна капиталистичка држава во социјалистичка. Но еве запрашајте се самите себеси, каде повеќе би сакале да живеете? Швајцарија, некоја од Нордиските држави, Франција, САД, Канада, итн... или социјалистичка држава како Советскиот Сојуз на времето или Северна Кореја денеска. Има и неколку Афрички држави каде исто така недоволно едуцираниот народ е изманипулиран да поддржува економско ропство. Венецуела е уште еден пример на држава која се помалку и помалку има приватна сопственост. Фактот останува дека каде има најмногу приватна сопственост народот има највисок стандард на живот. На нас останува изборот, сакаме нашата држава да се движи во насоката на Швајцарија или Северна Кореја?


Нашите драги наивни социјалисти нормално се жалат за приватизацијата на одредени стратешки ресурси и фаворизирањето на странските инвестиции. Вистината е дека најдоброто нешто што може да и се случи на нашата држава е приватизација. Јас зборував во минатото за тоа како целосната приватизација ќе ги спаси нашиот едукативен и здравствен систем. Секако дека на почетокот нема да биде лесно, но не можеме да очекуваме лесна транзиција после толку години на стагнација поради социјализацијата на најважните индустрии. Доколку предолго време боледувате од нешто, не можете да очекувате штом се излечите веднаш да станете од вашиот кревет како воопшто да не сте биле болни.

Јас во целост разбирам зошто Левица сака да има целосна контрола врз едукативниот систем. Само неедуцирана популација може да гласа за економско ропство, така да се додека државата има целосна контрола истовремено ќе имаме толпа наивни млади луѓе кои се спремни да се откажат од својата индидуална слобода за празни ветувања од неспособни демагози.

Јас ја имав таа привилегија да разговарам со неколку луѓе кои ја поддржуваат Левица, се што можам да кажам од моето искуство е дека истите не ни знаат што е социјализам, а ете... поддржуваат социјалистичка партија.


Што се однесува до странските инвестиции, Левица пак греши. Ние мораме што е можно повеќе истите да ги искористиме. Една капиталистичка и слободна држава постојано го зголемува својот капитал и со тоа и стандардот на живот. Овој процес бил бавен за првите слободни држави кои впрочем денеска се најбогатите во светот, но истиот процес не мора да биде бавен и за нас - ние можеме да го искористиме капиталот на богатите држави. Една од најголемите причини зошто денес има толкава разлика помеѓу богатите и сиромашните држави е затоа што народот во сиромашните држави бил убеден дека странските инвестиции се некако контра-продуктивни и поради тоа ние не смееме да дозволиме нашата евтина работна сила да биде искористувана. Ова е класичен пример на манипулација на популацијата, доколку јас имав сопствена фирма која со некаква странска инвестиција би добила директна конкуреција тогаш секако дека би сакал да ги убедам моите наивни сограѓани дека ние не смееме да дозволиме странските фирми да ја искористуваат нашата евтина работна сила... зошто тие да ве искористуваат кога можам јас? Тоа и Левица сака да нѐ убеди иако тие се 'борат' за нашите работнички права. Ќе навлезам во повеќе детали за работничките 'права' во следната глава.


Долгорочната цел на Левица како што самите велат е замена на капитализам со социјализам. Со други зборови, Левица верува дека сите ние сме премногу глупави за да се грижиме самите за себеси и поради тоа ние треба да се откажеме од приватната сопственост. Тоа звучи како одличен план, сета моќ да ја врачиме на мал број на луѓе, што би можело тука лошо да се случи? Имаме безброј примери на успешни социјалистички држави, така? Истовремено, погледнете само колку лошо живеат луѓето во остатокот од Европа, се повеќе и повеќе слушам како Швајцарци емигрираат во Северна Кореја или во Афричките држави каде лидерите живеат како кралеви додека остатокот од популацијата живеат во под-хумани услови.

Следно Левица зборува за некакво демократско распределување на ресурсите и токму тука покажуваат колку се неписмени кога станува збор за економија. Тие воопшто не разбираат како функционираат слободните пазари и само социјалисти на кои им бил испран мозокот можат да кажат нешто олку наивно.

Токму тоа што тие се обидуваат да го воспостават претставуваат слободните пазари - во слободните пазари сите ние гласаме со нашите пари. Доколку некој мене ми понуди добра услуга/производ јас гласам за него со моите пари, во спротивно доколку некој ми понуди лоша услуга/производ јас ќе престанам да соработувам со него. Левица не сака демократски процес на распределбата на ресурсите, тие сакаат целосна контрола на распределбата. Со други зборови, тие сакаат демократскиот процес да го заменат со диктатура. Ќе се обидам ова да го објаснам уште поедноставно за да можат дури и социјалистите да ме разберат. Замислете ние сега сите да гласаме за одредена личност да стане претседател, Левица сака да ја поседува моќта да пресуди дека изборот не им се допаѓа и сакаат резултатите да ги сменат. Земете го во предвид следново сценарио, јас одлучувам да му дадам пари на личност А затоа што ми има понудено добра услуга/производ, Левица вели дека тие пари треба да бидат одземени од личноста А и да бидат дадени на некоја личност Б која по цел ден седи дома и гледа филмови. Во иднина личноста А ќе престане толку да се труди со оглед дека профитот кој чесно го заработува Левица му го одзема, последица на ова е дека јас ќе останам без услугата која ми го олеснувала животот. Употребете ја истата логика за целата популација и добиваме понизок стандард на живот за сите нас.


Повеќе работнички права и социјална правда

Единствената моја цел со мојот блог е да ја споделам вистината со моите сограѓани, доколку во меѓувреме успеам да едуцирам некого или некој друг успее мене да ме едуцира, тогаш мојата мисија е успешна. Една работа што било кога не ја правам е умилкување на вистината затоа што истата на некој може да не му се допадне. Демагозите секогаш првин се информираат за гледиштата на народот пред да го споделат нивниот став, Обама на пример верувал дека брак е институција наменета само за маж и жена, неколку години подоцна го сменил мислењето затоа што перцепцијата на народот истовремено се сменила. Сите го менуваме мислењето и тоа е знак на интелегенција, но доколку тоа премногу често се случува тогаш знаете дека имате работа со личност која ќе каже било што само за да дојде на власт.

Ова го кажувам затоа што сигурен сум дека до сега не сте слушнале политичар кој кажал дека работнички права не постојат, иако тоа е вистината. Работнички права, права на мажи, права на жени, права на Албанци, права на Македонци, права на високи луѓе, права на дебели луѓе, итн - ако постои една работа што ги унифицира наведените 'права' тогаш тоа е дека не постојат. Постојат само човекови права. Немам јас посебни права затоа што сум маж, Бошњак, белец, итн. Доколку јас влезам во доброволна соработка со некој тоа мене не ми гарантира некои посебни права. Доколку постои такво нешто иако не треба да постои, тогаш тоа е привилегија.

Јас не сакам да постојат работнички 'права' затоа што ја знам скриената намера зад истите. Јас сум свесен дека добрите услови кои ги имам на работа не се резултат на мерките на СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ, или недај Боже еден ден на Левица. Моите добри услови се резултат на акумулиран капитал. Добрите услови за работа во напредните капиталистички држави не постојат затоа што политичарите таму повеќе се грижат за нивните субјекти. Истите постојат затоа што тие држави имаат акумулирано повеќе капитал од останатите. Едно слободно цивилизирано општество се базира на доброволна соработка, доколку јас се договорам со некој да работам под одредени услови за одредена компензација тогаш какво право има Левица тука да се меша? Дополнително, како можат да се жалат за некакво фаворизирање на странски инвестиции а во исто време да се борат за моите работнички 'права'? Тие странски инвестиции кои отвараат фирми ги подобруваат нашите услови за работа. Доколку одредена странска фирма мене ми понуди подобри услови тогаш ќе си дадам отаказ и ќе почнам да работам за истата, но доколку јас немам голем избор тогаш ќе морам да се задоволам со моменталните работни услови.

Доколку во 21 век Вие сеуште верувате дека одредена политичка партија на Вас ќе ви обезбеди повисок стандард на живот или подобри работни услови тогаш познавам еден принц од Нигерија на кој му е потребна Вашата помош.

Сите моментални закони поврзани со работничките права треба да се укинат! Истите само ги зголемуваат капиталните трошкови што не претставува голем проблем за големите фирми, но може да биде доволно голем трошок за да банкротира еден старт-ап. Со други зборови, на нас ни се лимитира бројот на фирми на кои можеме да го продадеме нашиот труд, што значи полоши работни услови и пониска плата. Во мојата втора статија зборував за тоа како Амазон најмногу се бори да се крене минималната плата во САД на $15. Што мислите, која е причината за тоа? Доколку мислите дека сакаат да помогнат на сиромашните тогаш претпоставувам дека сте социјалист - само наивна личност може да поверува во такво нешто. Вистината е дека тоа ќе ја уништи нивната потенцијална конкуренција и токму на тој начин се изборуваат за одреден вид на квази-монопол.


За економија која ќе им служи на луѓето, а не капиталот

Не верувам дека сум прочитал некогаш поглупав наслов!

Ова е дефинитивно делот кој е најтежок за читање, како е возможно народ во 21-от век да го прочита овој текст и да помисли дека Левица е добра алтернатива? Според нив нормално коренот на проблемот е капитализмот или како што тие сакаат да го опишат - "идејата дека секој треба да се грижи само за остварување на личен профит". Ова е еден од најголемите проблеми на социјалистите - нивната неспособност да разберат што претставува профит. Тие гледаат на профитот како нешто злобно, нешто што му наштетува на општеството, нешто што треба да се искорени од општеството. Јас ви гарантирам дека доколку побарате од социјалист да ви го дефинира терминот дека истото нема да успее да го направи.

Профит претставува успешно распределени лимитирани капитални ресурси. Левица се жали дека слободните пазари не ги распределуваат успешно лимитираните капитални ресурси и истовремено дека потрагата по профит ѝ штети на нашата држава. Можат да се одлучат што сакаат? Навистина е неверојатно како може некој да е олку наивен.

За јас да остварам профит во една капиталистичка држава, јас морам да понудам добра услуга/производ, профитот кој јас ќе го заработам не го одземам од било кој. Доколку јас станам милијардер тоа нема да значи дека остатокот од општеството се посиромашни поради тоа. Баш спротивното е вистина, јас сум го кренал стандардот на живот на моите сограѓани, мојот доказ е профитот. Бил Гејтс стана многу богат човек, зар тој нешто украл од некого? Зар тој некако осиромашел некој? Не! Тој помогнал на милиони и милиони луѓе, неговата награда е профитот кој го заработил. Ние треба да сме благодарни на луѓе како него, не да плукаме по нив и да се жалиме дека имаме сиромашни луѓе поради капиталисти како него. Дај Боже сите ние што е можно повеќе да профитираме на слободните пазари, проблемот настанува кога некој профитира надвор од слободните пазари, проблемот настанува кога политичарите ги трошат нашите пари на секакви глупости кои приватните корпорации било кога не би ги направиле. Но со оглед дека парите припаѓаат на народот тогаш секако дека ќе имаме споменици со луди цени, обични лифтови за скоро 100.000 евра, итн. Зар навистина некој верува дека приватен бизнис би платил толкава цена за обичен лифт? Секако дека не! Но со оглед дека ние плаќаме тогаш не е важно.

Доколку гласате за Левица само повеќе ќе добиеме од сите проблеми кои веќе постојат.


Следно велат дека нивна цел е да нема сиромашни, гладни, незгрижени, сите кои сакаат да работат веднаш да можат да најдат работа со одлични работни услови, оние кои не сакаат да работат ќе бидат убаво надоместени, итн, итн. Се ова многу убаво звучи, но за сето ова Левица да се обиде да го оствари, ние ќе мораме скапо да платиме. Левица ни ветува Рај на Земјата, се што ние треба да направиме е да се откажеме од нашата индивидуална слобода и да им ги дадеме нашите пари. Звучи како договор со Ѓаволот. Левица исто така ќе се погрижи едукативниот и здравствениот систем да бидат јавно достапни. Одлична идеја! Цело образование и здравство во раце на бирократи, тоа е вистинската формула за успех. Тоа што сето ова време веќе се социјализирани и поради тоа се во ужасна состојба не е важно затоа што гледате, до сега не биле на власт екстремно интелегентни луѓе како оние од Левица, доколку само на нив им ја врачиме сета моќ тогаш се ќе биде во ред. Го имам кажано ова во мојата статија за социјализам и ќе повторам тука, било кој систем кој зависи од вистинската личност да го раководи не е добар систем.

На нас ни требаат слободни пазари, треба суверенитетот на потрошувачот да му се врати за да бидеме во состојба да казниме лоша и да наградиме добра услуга. Но претпоставувам дека ова е премногу комплексна идеја за Левица, тие не сакаат ние со било што да се замараме, се што треба ние да направиме е да работиме и парите на нив да им ги дадеме. Тие ќе се грижат за нас.


Заклучок

Доколку сакате интелегентна личност да казните, натерајте го да ја прочита програмата на Левица. Толку е тешка за читање што на крај не ни успеав цела да ја прочитам, мислам дека доволно глупости имам прочитано за денес.

Се надевам дека оваа статија ќе ви помогне малку подобро да разберете што значи глас за Левица. Разбирам дека моментално нема партија на која вреди глас да се даде, се надевам дека наскоро ќе никне една партија која ќе се бори за индивидуална слобода, партија која ќе се бори да ја лимитира моќта на власта, партија која нема да ветува услуги на нивните гласачи само за да дојдат на власт.

Можеби еден ден...

© индивидуална слобода и просперитет