• Харис Курбардовиќ

Легализирана кражба

Убеден сум дека поголемиот дел од популацијата во нашата држава верува дека нашиот најголем проблем е корупцијата. Без оглед кој е на власт, тоа е една од работите на која можеме да сметаме дека нема да се смени. Левичари, десничари, Македонци, Албанци, мажи, жени, итн. сите се исти во еден поглед - порано или подоцна ќе ја искористат нивната привилегирана позиција за да си ја подобрат сопствената економска положба.

Денес во нашата држава еден од најсигурните начини да се збогатите е преку политичките канали, тоа само по себе говори дека нешто сериозно не е во ред со нашиот систем.

Многумина веруваат дека за да доживееме вистински просперитет потребно е вистинската личност да дојде на власт, личност која ќе се бори за доброто на сите. Сѐ додека народот размислува на овој начин, најголемиот проблем во нашата држава ќе остане нерешен.

Вистината е дека постои систем кој може да ни овозможи минимално ниво на корупција. Во оваа статија би сакал да го споделам моето скромно мислење за тоа како можеме ние (народот) да создадеме систем во кој без оглед кој е на власт, корупцијата би останала на минимално ниво.


Перверзен закон

Главната цел на една влада е заштита на народот, нивната слобода, и нивната сопственост. Денес токму спротивното се случува, имаме закони кои се инструмент на кражба.

Денес живееме во време кога законот е перверзен. Не само што е пренасочен од својата вистинска насока туку почна дури и да се движи во спротивната. Законот е виновен за нешто што самиот треба да спречи, истиот ја има самоуништено сопствената цел.

Наместо законот да нѐ заштитува од кражба, истиот се користи за да нѐ краде.

Најголемиот проблем со легализираната кражба е што со тек на време два сосема различни поими (закон и правда) на нас почнуваат да ни делуваат како еден. Поголемиот дел од народот веруваат дека штом имаме некаков закон, истиот автоматски е праведен. Токму овие индивидуалци денес страсно го бранат правото на коерзивниот апаратус да одземе нешто што припаѓа на една личност за да го прераспредели на некоја друга личност (легализирана кражба). Токму поради оваа причина денес имаме вистинска борба за тоа кој ќе се избори за тронот - oние кои се крадени се обидуваат да дојдат на власт за да можат истото да го прават.

Главниот проблем лежи во тоа што луѓето не се способни да направат разлика помеѓу правда и неправда и токму поради таа причина истите наивно врачуваат голема моќ на мал број на луѓе. Излажани се од демагозите дека владата воспоставува тарифи за наше добро, субвенционира производи за наше добро, социјализира индустрии за наше добро, воспоставува регулации, лиценси, итн. за наше добро… одредени работи се толку долго легални што народот автоматски ги прифаќа како праведни.

Целата поента на законот е заштита. Секој човек има право да се брани себеси, својата слобода, и својата сопственост. Па така, логично е група на луѓе преку нивната колективна моќ да имаат право да се бранат себеси, нивната слобода, и нивната сопственост. Токму поради оваа причина народот го создал коерзивниот апаратус - заштита. Не е тука владата да нѐ снабдува со услуги или да одзема средства од една група на луѓе и да ги прераспредели на друга, тука е само за да нѐ заштити, за сите ние да можеме како слободни поединци употребувајќи ги нашите способности да се збогатиме преку нудење производи/услуги на слободните пазари. Не заборавајте дека доколку некој се збогати на слободните пазари, тогаш тој успеал затоа што го кренал стандардот на живот на неговите сограѓани. Сите како целина сме побогати поради неговиот придонес во општеството.

Каде власта има моќ, таму има и лобисти

Легализираната кражба која постои во нашата држава остава лажен впечаток дека политиката е многу поважна отколку што навистина е. Со оглед дека ние имаме систем каде кражбата е легална, истовремено имаме различни групи на луѓе кои се обидуваат да се збогатат преку политичките канали наместо да понудат производ/услуга на слободните пазари и со тоа да го кренат стандардот на живот на своите сограѓани.

Во една држава каде системот функционира како што треба, политиката би била сосема во втор план. Доколку моќта на коерзивниот апаратус е лимитирана, тогаш напорите на оние кои што сакаат да стигнат на власт би биле пренасочени кон слободните пазари.

Лобирањето постои затоа што имаме легализирана кражба, доколку политичарите не ја поседуваат моќта да ослободат некој од данок, да субвенционираат производи, да воспоставуваат тарифи, да создаваат секакви регулации, итн., тогаш лобистите би исчезнале. Денес дури има и лобисти кои лобираат само во самоодбрана, зар им останува нешто друго кога системот е расипан.

Доколку ја одземеме моќта на владата да се меша активно во економијата тогаш целиот капитал потрошен на лобирање исто така би бил пренасочен на слободните пазари, што значи пониски цени и подобра услуга за сите нас.

Не заборавајте дека легализираната кражба (субвенции, тарифи, итн.) бенефицираат мал број на луѓе на сметка на останатите.


Денес за жал во нашата држава полесно е човек да се збогати со тоа што ќе подмити политичари отколку да се обиде да ги задоволи потребите на потрошувачите.

Моментот кога една корпорација може повеќе пари да заработи со тоа што ќе ги подмити вистинските луѓе е момент кога истата ќе почне повеќе пари да вложува во лобирање отколку во некакви обиди да ги задоволат потребите на потрошувачите. Немојте да мислите дека истите се злобни поради ова, нивните постапки се логични. Погрешно е да се обвинуваат корпорациите за корупцијата, дури е погрешно и политичарите да се обвинуваат, јас искрено на самиот себеси не би си верувал со толку моќ. Тие се само луѓе и сѐ додека ние нив ги обвинуваме тогаш нема било што да се смени. Вината лежи кај нас (народот) затоа што наивно врачуваме моќ на политичари кои потоа таа моќ ја злоупотребуваат.


Престанете да оправдувате легализирана кражба

Поголемиот дел од народот за жал оправдува легализирана кражба.

Во следните неколку примери ќе објаснам како владата ја користи нивната моќ за нивен бенефит на сметка на народот кој упорно продолжува да им ја врачува моќта.

  • Субвенција: Небитно е за кој производ или индустрија станува збор, коерзивниот апаратус нема право да одземе пари од една личност и да ги прераспредели на некоја друга личност. Доколку тоа е нешто што народот треба да го купи тогаш самиот тоа ќе го одлучи. Владата нема право на Вас да Ви одземе пари со сила за на мене да ми олесни да купам било што. Тоа е легализирана кражба. Доколку ѝ ја врачиме моќта на власта да субвенционира производи тогаш ние овозможуваме корупција. Замислете го следново сценарио: Јас имам сопствена фирма која го продава производот x. Со оглед дека сум политички поврзан со моменталната власт јас склучувам договор со нив да го субвенционираат мојот производ. Истиот ќе стане поевтин затоа што надоместокот е исплатен преку легализирана кражба на луѓе кои не сакаат да го купат мојот производ. Сите дополнителни профити кои јас ги заработив ќе ги споделам со моите пријатели од коерзивниот апаратус.

  • Тарифи: Преку тарифи домашните фирми обезбедуваат предност над странските, со други зборови, потрошувачот е задолжен да плати данок доколку реши да купи продукт од фирма надвор од државата иако истиот е со подобар квалитет и/или поевтин. На ваков начин мал број на привилегирани поединци бенефицираат на сметка на потрошувачите кои се приморани да плаќаат повисоки цени и/или да се помират со понеквалитетен производ. Начинот на кој може да дојде до корупција во оваа ситуација е исто така прилично едноставен. Јас се договарам со моите пријатели од владата да воспостават тарифа на одредени производи кои ми претставуваат конкуренција на мене. Доколку Вие решите да продолжите да го купувате производот на мојата конкуреција морате да платите данок, во спротивно ќе почнете да го купувате мојот производ. Дополнителниот профит кој ќе го заработам поради воспоставената тарифа ќе го споделам со моите пријатели кои ја воспоставија тарифата.

  • Регулации: Добар начин владата да им направи услуга на големите компании е со регулации. Со создавање на непотребни закони владата го зголемува трошокот за производство и на тој начин го отежнува работењето на малите компании кои се обидуваат да се пробијат на пазарот. Во едно слободно општество државата нема било какво право да се меша во волонтерскиот договор помеѓу две индивидуи. Какви услови јас ќе договорам со мојот работодавач е моја лична работа и мешањето на коерзивниот апаратус во работи што не ги засега само ја отежнува нашата соработка. Државата треба да се вмеша единствено доколку некој од нас не го испочитува договорот. Постојат безброј непотребни регулации кои се продадени како работнички 'права', вистината е дека единствената причина поради која постојат е да го отежнат работењето на помалите компании. Последицата на повисоките капитални трошоци е помалку компании што значи дека работниците имаат помалку избор, што последователно значи дека мораме да се задоволиме со работните услови и ниските плати кои ни се понудени.

Заклучок

Денеска не е доволно еден закон да е праведен, мора да биде филантропски. Вистината е дека овие две работи се контрадикторни, мораме да избереме помеѓу нив. Доколку се решиме за второто тогаш тоа ќе го уништи првото. Кражба е кражба без оглед кој е криминалецот. Доколку нешто што припаѓа на личноста А му е одземено со сила и прераспределено на личноста Б тогаш тоа е кражба. Законот токму ова треба да го спречува секаде и секогаш. Денес законот токму ова го овозможува.

Било кој закон кој прави распределба на сопственост не смее да постои. Дополнително, доколку постои било кој закон кој му носи профит на еден човек додека е на сметка на некој друг, тогаш тој закон исто така не смее да постои.

Доколку сакаме да живееме во слободна и праведна држава тогаш мораме сите оние мали сегменти од социјализмот кои имаат навлезено во нашиот систем да ги тргнеме. Социјализам е легализирана кражба.


Убеден сум дека моите ставови се точни затоа што без оглед какво прашање си поставам, одговорот е секогаш слобода.

Но зар не се и самите факти на страната на слободата? Погледнете низ историјата, најбогатите и најсреќните држави се токму оние каде законот најмалку се меша во приватноста на луѓето, оние каде владата е најнеприметлива, оние каде оданочувањето е на што е можно пониска стапка, оние каде практично не постои државна администрација, оние каде луѓето се слободни, итн. За жал, дури и државите кои служеле како примери на слободни општества денес се движат токму во спротивната насока. САД стана империја каде граѓаните имаат сѐ помалку и помалку индивидуална слобода, европските држави исто така имаат премногу социјализам во нивниот систем… да се надеваме дека движењето кон деспотизам ќе запре што е можно поскоро.


Денес постојат многу луѓе кои веруваат дека ние сме обична материја со која можат да експериментираат, луѓе кои се гледаат себеси како да се над останатите и поради тоа сакаат да ни диригираат, луѓе кои се претставуваат како лажни филантропи за народот да им врачи моќ која потоа ќе ја злоупотребат.

Следен пат кога некој политичар ќе Ви вети подобра едукација, подобро здравство, подобра економија, подобри работни услови, итн. не му верувајте. За било што од наведените тој да се обиде да оствари, првин морате Вие да му врачите моќ - моќ која бидете сигурни дека ќе ја злоупотреби.


Слобода како и секогаш е одговорот на сите наши прашања.

© индивидуална слобода и просперитет