• Харис Курбардовиќ

Лек за непотизам

Со оглед на зголемувањето на непотизмот во последно време народот оправдано ја критикува власта, но кое е вистинското решение? Додека сите со своите критики кон власта само се обидуваат да го излечат симптомот, јас ќе се обидам да понудам лек за болеста. Лесно е да се критикува СДСМ поради нивните постапки но тоа нема да го реши проблемот, дури и да дојде до промена на власта само исклучително наивни луѓе веруваат дека новата власт ќе престане да ги наградува своите роднини и сите оние кои ѝ помогнале да се избори за 'тронот'. Доколку го третираме симптомот само ќе се ослободиме од него за кратко, но со оглед дека болеста би останала неизлечена симптомот порано или подоцна би се вратил. Во оваа статија токму тоа ќе се обидам да го направам.


Непотизам во слободните пазари

Најдобар лек за непотизам се слободните пазари - капитализам. Замислете го следново сценарио:

Јас имам своја фирма и го вработувам мојот брат иако тој не ги поседува адекватните вештини и искуство за позицијата на која е поставен. Последицата на ваквата лоша одлука од моја страна е очигледна - незадоволни клиенти. Како што незадоволството расте, моите клиенти еден по еден престануваат да ги користат моите услуги и истите ги бараат од мојата конкуренција. Ова е очигледен знак за мене дека морам што е можно побрзо да го сменам начинот на кој раководам со мојот бизнис. Доколку на време не го сменам неспособниот персонал со квалификувани луѓе кои можат адекватно да ги задоволат потребите на потрошувачите, мојот бизнис ќе пропадне.

Токму на ваков начин се пренасочуваат капиталните ресурси од неспособни луѓе до оние кои истите паметно ги распределуваат. Слободните пазари се природен механизам кој гарантира највисоко ниво на задоволство од страна на потрошувачите. Во непопречената пазарна економија потрошувачот е тој кој одлучува кои претприемачи колкав квантитет од капиталните ресурси треба да поседува.


Непотизам во јавниот сектор

Непотизмот во јавниот сектор е вистински проблем. Очигледно е дека СДСМ ја злоупотребуваат нивната моќ, но јас искрено не ги обвинувам нив, токму наспроти, ги обвинувам граѓаните. Самите се виновни кога ѝ врачуваат непотребна моќ на власта и после имаат смелост да се чудат кога коерзивниот апаратус ја злоупотребува таа моќ. Ова ме потсеќа на познат цитат на Џон Актон:

Моќта има тенденција да корумпира, апсолутна моќ апсолутно корумпира.

Секако дека ние не можеме во целост да се ослободиме од јавниот сектор, но дефинитивно можеме драстично да го намалиме. Околу 50% од јавниот сектор се вработени во образование и здравство. Во мојата прва и претходна статија имам зборувано за тоа како целосната приватизација ќе ги решат се поголемите проблеми во овие две исклучително важни индустрии.

Со оглед дека суверенитетот на потрошувачот е нарушен во индустриите кои се социјализирани, доколку се вработи неквалификуван професор или доктор потрошувачот нема адекватен начин да го илустрира своето незадоволство. Во слободните пазари истиот би можел едноставно да престане да ги користи услугите на училиштето/болницата која има вработено неквалификуван кадар и да почне да ги користи услугите на нивната конкуренција.


Страв од слобода

Стравот од слободата е интересен феномен кој е директно поврзан со стравот од превземање одговорност. Луѓето сакаат да имаат безбедносна мрежа и токму таа психолошка блокада е вистинскиот проблем во нашето општество. Интересно е што пред да бидат ослободени дел од робовите во САД, тие се противеле на тоа. Се плашеле затоа што не знаеле што да прават со ново-стекнатата слобода, како да преживеат сега кога немаат сопственик кој барем ќе ги вдоми и нахрани за да преживеат.

Секако дека ние не сме робови во буквална смисла на зборот но го поседуваме психолошкиот феномен - страв од слобода кој не ни дозволува да ја лимитираме моќта на власта на нејзините основни должности - сочувувањето на течната социјална соработка.


Заклучок

Оние луѓе кои го бранат правото на државата да социјализира одредени индустрии затоа што пристап до тие услуги се човекови 'права' немаат право да се жалат кога државата ја злоупотребува својата монополска привилегија. Јас им препорачувам да продолжат да ги праќаат нивните деца кај неквалификувани наставници да ги едуцираат и кај неквалификувани доктори да ги лечат.

Уште една последна порака до мали деца и сите оние кои веруваат во басни - социјалисти. Со оглед дека непотизмот достигнува вакви нивоа кога само 15-20% од вработените се вработени во јавниот сектор тогаш какви би биле бројките доколку процентот израсне на 100? Дополнително, каков механизам има социјализмот за да се справува со непотизмот? Претпоставувам дека сите ние треба едноставно да ја врачиме сета моќ во рацете на мал број на луѓе и да се надеваме дека нашите 'сопственици' ќе бидат чесни и милостиви. Да потсетам уште еднаш за крај, моќта има тенденција да корумпира, апсолутна моќ апсолутно корумпира.

© индивидуална слобода и просперитет