• Харис Курбардовиќ

Минимална плата создава невработеност

Кога се зборува за минимална плата емоционалноста најчесто победува над разумот. Оние кои ја критикуваат мерката се брендирани како злобни и себични луѓе кои само на себе мислат. Ова е апсурдна критика која само нѐ спречува да дојдеме до вистината. Социјалистите истото го прават кога нѐ критикуваат дека сме мажоретки на злобните капиталисти кои ги искористуваат работниците, токму спротивното е вистина - злобните капиталисти кои го искористуваат системот се најголемите противници на слободните пазари, истите постојано охрабруваат повеќе регулации и повисоки минимални плати знаејќи дека на таков начин ќе ги уништат малите и средните претпријатија кои еден ден би станале нивна главна конкуренција. Доколку минималната плата се крене, истата најмногу ќе ги повреди оние на кои е наменета да им помогне. Токму поради оваа причина многу е важно да се критикуваат ваквите емоционално и политички мотивирани мерки затоа што во спротивно ги осудуваме сиромашните на уште понизок стандард на живот. Жалосно е што поголемиот дел од луѓето кои се доволно интелегентни да проценат дека воспоставување на цени од страна на владата е лоша мерка која секогаш има контра ефект, не се во можност да проценат дека истото важи и за минималната плата. Услугата на работникот е обична цена па така истите економски правила ја раководат како и сите останати цени. Цените претставуваат информација со која нѐ снабдува пазарот, доколку цената на трудот е премногу ниска тогаш тоа ни кажува дека имаме некаков проблем кој треба да го истражиме. Тоа што народот мора да го разбере е дека болеста не може да се излечи со тоа што ќе го смениме симптомот - менување на цената нема да го реши проблемот кој ја предизвикува, токму спротивното ќе се случи - проблемот ќе се влоши.

Постојат многу поефикасни начини да се крене стандардот на живот на сиромашните отколку забрана за работа под арбитрирано поставена компензација.


Негативните ефекти на минималната плата

Минимална плата претставува цена под која е забрането еден работник да биде вработен. Како и со било која друга цена, височината на истата одредува колкав е бројот на настрадани лица. Доколку имаме минимална плата од 3.000 денари тогаш очигледно е дека истата нема било кого да повреди, во спротивно доколку минималната плата е 30.000 денари тогаш тоа ќе резултира со голема невработеност. Не можеме преку закон да ја кренеме продуктивноста на еден работник, доколку истиот нема аутпут повисок од минималната плата тогаш ќе остане невработен.

Ова не значи дека не постојат луѓе кои придобиваат од вакви мерки, на дел има да им биде крената платата но пред сѐ на сметка на оние кои ќе бидат отпуштени. Дополнително, возможно е цела група на луѓе навистина да се помалку платени од нивната продуктивност, тоа пред сѐ е резултат на активното мешање на владата со функционирањето на слободните пазари, во една таква околина возможно е вработените да се недоволно платени поради недостаток на алтернативи во потрагата по работодавачи. Но ова сигурно не можеме да го поправиме со воспоставување на минимална цена на трудот.

Иронично е владата која ги создава проблемите преку нивните регулации, високи даночни стапки, лиценци, итн. да нуди вештачки решенија кои само ќе го влошат проблемот. Еден од начините на кој вработените можат да побараат повисоки примања е преку синдикализација, како и да е... во целост е неприфатливо да се воспостави минимална плата во цела држава. Во тој случај вработените кои се спремни да работат за надоместок помал од минималната плата, би биле осудени на невработеност. Какво право има владата да ми забрани да работам доколку условите на мене и на мојот работодавач ни одговараат? Јас во целост разбирам дека во нашата држава има многу луѓе кои работат за многу ниски плати, но тоа не може да го поправи една влада, сѐ што може присилниот апаратус да постигне е уште повеќе да нанесе штета.

Постојат многу примери низ историјата каде минималната плата создала голема невработеност, целта не ми е да набројувам такви примери. За жал поголемиот дел од народот само со примери се обидуваат да се разубедуваат. Дури и критичарите на социјализам често само употребуваат примери на пропаднати социјалистички држави како аргумент, тоа не е доволно. Важно е да разбереме зошто социјализмот не може да функционира, важно е да разбереме зошто не е паметно да се воспоставуваат цени, итн. Тоа што сакам да го остварам е да дојдам до вистината преку употреба на дедуцирана логика. Доколку минималната плата им помага на сиромашните, тогаш зошто застануваме на 14.000, 15.000, 16.000 денари? Зошто да не ја кренеме на 30.000 денари? Очигледно е дека доколку нашата цел е повисок стандард на живот дека тоа не можеме да го оствариме преку воспоставување на цени. Дополнително, каква е моралната оправданост да забраниме на некој да работи за сума пониска од минималната плата доколку тоа го посакуваат? Кого повредува личноста која сака да го продаде трудот за пониска плата за да научи нешто ново на работа за во иднина да може трудот да го продава за повисока цена?


Не заборавајте дека денеска во САД најголемиот промотер на повисока минимална плата е Амазон, причаната е очигледна - саботирање на конкуренцијата. Најголемите противници на капитализам се често успешните капиталисти како Безос кои се обидуваат преку употреба на монополската привилегија за употреба на сила на владата да ја повредат нивната конкуренција.


Расистичката историја на минималната плата

Во 1967-та година минималната плата во САД на федерално ниво била крената од $1.25 на $1.40 и една година подоцна пак на $1.60. Уште пред да стапи на сила законот, Милтон Фридман во 1966-та година објавил колумна за Newsweek во која вели:

Конгресот само што ја зголеми невработеноста. Го постигнале ова со тоа што ја кренале минималната плата од $1.25 на $1.60... резултатот ќе биде и мора да биде зголемување на невработеноста.

Потоа вели:

Жени, тинејџери, црнци, и пред сѐ тинејџери црнци ќе бидат посебно повредени. Убеден сум дека минималата плата е најанти-црнечкиот закон во нашите статути - во неговиот ефект, не во неговата намера.

Важно е народот да разбере дека во тоа време синдикалците во САД намерно барале да се крене минималнта плата само за да ја уништат конкуренцијата. Црнците со оглед дека поседувале помалку вештини, единствен начин да добијат предност пред белците било преку нудење на нивните услуги за помала плата. Откако желбата на синдикалците се остварила, невработеноста кај младите црнци нагло се зголемила. Текстот на Милтон Фридман можете да го прочитате тука

Како до повисоки плати?

Доколку минималната плата има контра ефект тогаш што треба да направиме за платите и условите за работа да се подобрат? Најважно е понудата да се зголеми (бројот на компании кои бараат работници) и продуктивноста на работникот - автоматизација. Начинот на кој тоа можеме да го постигнеме е преку намалување на бројот на регулации, мораме да бараме владата да се тргне од патот за да се намалат капиталните трошкови на компаниите. Запомнете дека регулациите не претставуваат било каков проблем за големите компании, но можат да бидат доволно голем проблем за еден мал бизнис кој поради непотребните капитални трошкови ќе реши да го затвори бизнисот. Доколку сакаме како општество да просперираме, мораме да ги ослободиме индустриите, да ги оставиме компаниите да работат без било какви пречки, да се намалат што е можно повеќе даноците, да се намали јавната администрација, да се тргнат непотребните предуслови за влез во одредени индустрии, итн.

Доколку сакаме високи плати, добри работни услови, и висок стандард на живот тогаш мораме да ја разбереме вистинската улога на владата - сочувување на течната социјална соработка. Сѐ додека имаме влада која активно се меша во работењето на слободните пазари преку регулации кои се наменети да го 'заштитат' потрошувачот, тогаш платите и условите за работа ќе останат ниски. Токму поради активното мешање на присилниот апаратус со функционирањето на слободните пазари ние денес имаме недостаток на компании што значи дека доколку работодавачот Ви нуди ниска плата Вие немате алтернатива... морате да се помирите со ниската плата и лошите работни услови. Најсмешното е што истата влада која го создава проблемот се обидува да го реши на вештачки начини.


Заклучок

Поголемиот дел од луѓето имаат иста цел - сите ние сакаме повисок стандард на живот. Оние кои поддржуваат повисока минимална плата немаат намера да ги повредат токму оние на кои истата е наменета да им помогне. Јас сум сигурен дека желбите на поддржувателите на повисока минимална плата се искрени, но тоа не е доволно. Неспособен доктор нема намера да го повреди пациентот, но доколку му препише погрешен лек тогаш токму тоа ќе го постигне. Истото важи и за оние кои бараат повисока минимална плата, доколку нивната желба стане реалност тогаш ќе ги повредат оние на кои најмногу сакаат да им помогнат. СДСМ наместо да ја крене минималната плата треба да седнат и да научат основна економија, но доколку тоа го сторат тогаш нема долго да останат левичари - едно со друго не иде.

Слобода како и секогаш е решението на сите наши проблеми.

© индивидуална слобода и просперитет