• Харис Курбардовиќ

Решенијата на Анита Ангеловска-Бежоска нема да спречат нови економски кризи

Читајќи го последниот научен труд на гувернерката на НБРМ добивам впечаток дека централните банкари без оглед што ќе се случи, веруваат дека решението е поголема контрола на слободните пазари.

Доколку не го разбирате бизнис циклусот нормално е да дојдете до погрешни заклучоци, во оваа статија ќе се обидам да објаснам каде греши д-р Анита Ангеловска-Бежоска и зошто нејзините понудени решенија нема да ги спречат понатамошните економски кризи - истите само можат да ја одложат кризата за одреден период - нешто што централните банки веќе го прават предолго време.


Стабилност на цените

Главната цел на централните банки е стабилност на цените што е навистина иронично со оглед дека нивната нестабилност произлегува токму од постојаното надувување на понудата на парите од страна на централните банки.

Лудвиг вон Мисес има истакнато дека политиките со цел да се сочува стабилноста на цените е директна последица на неуспешните монетарни интервенции.

Недостатоците во владиното управување со монетарни работи и катастрофалните последици од политиките насочени кон намалување на каматната стапка и поттикнувањето на деловни активности преку кредитна експанзија ги вроди идеите кои доведоа до изразот 'стабилизација'.

Главната причина за постоењето на централните банки нема смисла. На нас ни требаат вистинските неизманипулирани цени, без оглед какви се.

За жал сите централни банкари патат од когнитивна дисонанса - веруваат дека не е паметно да се воспоставуваат цени на слободните пазари, но тие самите постојано ја воспоставуваат каматната стапка - цената на парите.

Дополнително, цените биле многу постабилни додека светот користел вистински пари - злато и сребро - пари чија вредност централните банкари не можеле да ја манипулираат (пред да почнат да принтаат повеќе пари отколку што има злато во банките).


Нашата гувернерка вели дека во периодот пред кризата се верувало дека стабилност на цените води кон оптимална економска активност. Доколку сакаме оптимална економска активност, тогаш мораме да дозволиме слободните пазари непопречено да функционираат. Се додека имаме централен авторитет како централна банка во која бирократите изиграваат научници со нивното постојаното експериментирање, оптималната економска активност нема да биде постигната и постојаните економски кризи ќе продолжат да го спречуваат нашиот развој како цивилизација.


Зошто имаме економски кризи?

Економските кризи се директна последица на желбата на централните банкари да охрабрат зголемена деловна активност преку намалување на каматната стапка - надувување на понудата на пари.

Периодот кога централните банки ќе ја намалат каматната стапка се нарекува 'boom' и е карактеризиран со зголемени инвестиции/трошење што е очекувано со оглед дека парите се поевтини. Проблемот тука е што проекти кои не се профитабилни со оглед на моменталната временска преференција на потрошувачите, наеднаш делуваат профитабилни поради манипулацијата со каматната стапка од страна на централните планери. Капиталистите нормално почнуваат да инвестираат во навидум ново-профитабилните проекти кои ќе бидат откриени како непрофитабилни откако цените ќе се адаптираат на новата сума на пари. Тоа што економистите како нашата гувернерка не разбираат е дека во еден ваков лажен 'boom' период доаѓа до целосно нарушување на вертикалната капитална структура.

Централната банка порано или подоцна мора да ја крене каматната стапка - вечно надувување на понудата на пари ќе предизвика хипер-инфлација што значи целосен монетарен колапс. Откако каматната стапка ќе се крене сите погрешни инвестиции или како што Лудвиг вон Мисес ги нарекувал - 'malinvestments' - ќе бидат откриени. Процесот на ре-алокација на ресурсите се нарекува рецесија - должината на рецесијата меѓу другото зависи и од желбата на политичарите да дозволат слободните пазари да ги поправат грешките предизвикани од манипулацијата на централните банки. Доколку не биде дозволено процесот на реалокација да заврши тогаш рецесијата може да се претвори во депресија - нешто што се случи во САД во 1930-тите. За жал поради наивноста на поголемиот дел од економистите, денес одговор на секоја криза е повторно намалување на каматната стапка, тоа само го отпочнува новиот бизнис циклус што значи само одолговлекување на неизбежното. Како што можеме самите да приметиме, кризите стануваат се поголеми и поголеми што значи дека одолговлекувањето е при крај. Денес економијата може да се опише како зависник од дрога (евтини пари). Се сомневам дека постои доктор кој би му препорачал на некој зависник секогаш кога ќе го фати криза да се издрогира. Можеби делува како лесно решение, но порано или подоцна ќе мора да престане. Секако дека детоксикација е тежок процес, но алтернативата е предозирање (хипер-инфлација). Решението на централните банкари е за жал секогаш исто - повеќе и повеќе евтини пари. Доколку вака продолжат пациентот наскоро ќе умре.


Економистите кои поддржуваат намалување на каматната стапка за поттикнување на економски дејности патат од the broken window fallacy. Еве што таткото на модерната економија имал да каже на оваа тема:

Никој не верува дека е исплатливо електрифицирање на железничкиот систем во Велика Британија врз основа на задолжување на 5%...на 3 1/2% невозможно е да се спори дека ќе биде исплатливо. Така е и со бесконечно други технички проекти.

Цитат на Џон Мејнард Кејнс за време на предавање пред Harris Foundation Institute во 1931-та година. Тоа што Кејнс и неговите следбеници не разбираат е дека со намалувањето на каматната стапка ќе почне наведениот проект, но истиот ќе ги одземе ресурсите од некој друг профитабилен проект врз основа на задолжување на 5%. За жал денес поголемиот дел од економистите ги следат доктрините на Британскиот економист.


Финансиска регулација

Според нашата гувернерка потребна е поголема финансиска регулација. Моето прашање е зошто? Зарем не се слободните пазари најефективниот регулатор? Но нормално е доколку не дозволувате слободните пазари да функционираат да чуствувате потреба да ги замените со нешто друго. Се додека финансиските институции можат да сметаат на централните банки како некаков вид на "lender of last resort", се додека депозитите се осигурани од владата, и се додека финансиските институции ги сметаме за "преголеми за да пропаднат", тогаш финансиската стабилност е невозможна мисија. Тргнете ја сигурносната мрежа и дозволете механизмот на профит и загуба на слободните пазари да функционираат и ќе видите како лошиот морален хазард кој преовладува во финансиската индустрија ќе исчезне.


Погрешните реакции на централните банкари

Анита Ангеловска-Бежоска вели дека длабоката рецесија не беше проследена со силно опоравување. Се согласувам, но зошто? Тоа е затоа што централните банки не дозволуваат слободните пазари да ги поправат грешките настанати во претходниот 'boom'. Порано или подоцна централните банкари ќе мораат да се соочат со фактот дека воспоставување на цени има негативен ефект. Наскоро ќе дојдат во ситуација каде ќе мораат да изберат помеѓу висока инфлација или поголема рецесија од рецесијата во 2008.


Следно нашата гувернерка зборува за тоа како денес се води дебата за тоа дали арсеналот на централните банки за спроведување на монетарна политика е адекватен во случај на потенцијална следна криза.

Со оглед дека неконвенционалните методи веќе стануваат конвенционални е знак дека централните банки ја губат контролата. Последно нешто што ни треба e поголема моќ кај централните планери.

Нашата гувернерка исто така истакнува дека пред кризата макроекономската политика се состоеше од активна монетарна и прилично пасивна фискална политика. Решението според неа е поголема фискална активност, посебно за време на рецесии - нешто што Кејнс го промовирал. Тоа што мора нашата гувернерка да разбере е дека владино трошење не може да го замени приватното. Не е целта само да се потрошат пари, целта е паметно да се потрошат. Секој може да потроши пари, ретко кој може паметно да ги инвестира со што ќе предизвика раст на стандардот на живот за сите нас. Токму поради оваа причина имаме слободни пазари - што е можно пооптимална распределба на лимитираните капитални ресурси, но претпоставувам дека нема голема разлика помеѓу модерните економисти и социјалистите. Токму Маркс во комунистичкото манифесто истакнал дека постоењето на централната банка е еден од предусловите кој секоја социјалистичка држава треба да го исполни.


Д-р Анита Ангеловска-Бежоска исто така ја истакнува важноста на финансиската едукација за да се спречат потрошувачите да донесуваат погрешни одлуки како во 2008-та. Можеби доколку централните планери престанат да ја манипулирате вредноста на парите потрошувачите ќе почнат да донесуваат подобри одлуки. За крај нашата гувернерка вели дека независноста на централната банка е неопходен предуслов за успешно спроведување на монетарни политики. Вистината е дека централните банки воопшто не треба да постојат во едно слободно и цивилизирано општество. Височината на каматната стапка треба да се одреди на слободните пазари, не во некоја канцеларија од страна на бирократи.

Заклучок

Воспоставување на цени секогаш има контра ефект, без оглед дали станува збор за цена на леб, млеко, минимална плата, каматна стапка, итн. Доколку сакаме што е можно пооптимална распределба на лимитираните капитални ресурси тогаш мораме да се избориме за слобода - слободните пазари треба да ја одредат височината на каматната стапка според временската преференција на народот.

Навистина се надевам дека кога ќе стигне следната криза, народот нема да биде доволно наивен за да им поверува на политичарите и централните планери дека вината лежи кај слободните пазари.

Слобода како и секогаш е одговор на сите наши проблеми.


Научниот труд на гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска – Централното банкарство во периодот по Глобалната економска криза.

© индивидуална слобода и просперитет