• Харис Курбардовиќ

Слободни пазари во медицинскиот систем

Наивни модерни економисти како Пол Кругман (кој впрочем има добиено Нобелова награда за неговиот придонес во економијата) ги атрибутираат високите цени во медицинскиот систем на нејзиниот развој. Зар можеме да очекуваме било што повеќе од човек кој го споредил еврото со златниот стандард? Последица на ваквиот начин на размислување е економско уредување во кое бирократите постојано се мешаат во пазарната економија и не дозволуваат различни индустрии да се развијат.


Исклучително нискиот стандард во медицинскиот систем е директна последица на мешањето на коерзивниот апаратус, споредете го за момент развојот во технологијата со развојот во медицината - од една страна имаме постојано се подобри и поевтини телевизори, мобилни уреди, компјутери, итн. додека од друга страна имаме целосна стагнација - повисоки цени и полоша услуга.

Поради социјализацијата на медицинскиот систем денес имаме целосно загушување на индустријата, есенцијално е доколку сакаме да ја задржиме нашата слобода да се избориме за слободни пазари во оваа исклучително важна индустрија, здравјето е премногу важно за да биде оставено во рацете на неспособни бирократи.


Недоволно информирани луѓе постојано користат примери за навидум успешни медицински системи кои инаку се повеќе и повеќе дегенерираат. Истите ќе се распаднат порано или подоцна како и сите индустрии во кои не е дозволена конкуренцијата. Технички, приватните болници можат да ги нудат нивните услуги, но невозможно е да се борите против државата која се финансира без оглед дали потрошувачите ги користат нивните услуги - со други зборови доколку јас сакам да се лечам во приватна болница, приморан сум два пати да платам - еднаш на приватната болница и еднаш за да ги субвенционирам останатите граѓани кои се лечат во државната болница.


Моменталниот систем мораме да го замениме со целосно слободни пазари, тоа би резултирало со поголема понуда на доктори и болници што автоматски би значело пониски цени за потрошувачите. Преку конкуренцијата која е последица на слободните пазари, болниците и докторите кои најефективно ги задоволуваат потребите на потрошувачите би биле најнаградени, неопходно е да се врати суверенитетот на потрошувачите и да им се дозволи повторно да имаат право да 'гласаат' со своите пари.

Во оваа статија ќе се обидам на кратко да ги објаснам различните системи околу светот со надеж дека овие заблуди за навидум успешните социјализирани системи ќе се обелоденат.


Канада

Најголемиот дел од луѓето (вклучувајќи ги и докторите) сакаат нивните цели да ги постигнат преку каналите на волонтерска соработка. Ретки се оние кои сакаат со сила да ги тераат своите сограѓани да прават работи кои тие не сакаат да ги прават. Сепак, за жал, постојат дури и такви луѓе. Нивната цел е преку закони да остварат посебни привилегирани права на сметка на остатокот од општеството. Медицинскиот естаблишмент во Канада токму тоа сакале да го постигнат преку создавањето лиценси. На ваков начин истите се во состојба да ја лимитираат бројката на доктори што автоматски значи повисоки плати за нив. Со ваков вид на регулација на пазарот сиромашните најмногу патат. Образложението било да не се дозволи на 'неквалитетни' доктори да лечат луѓе, на почетокот сиромашните ова го игнорирале и продолжиле да се лечат кај навидум неспособните доктори поради пониските цени. Можноста сиромашните луѓе да 'гласаат' со нивните пари им била лимитирана со тоа што станало нелегално било која нелиценсирана личност да лечи луѓе. Желбата на медицинскиот естаблишмент конечно стана реалност. Роналд Хамовеј во неговата книга Canadian medicine: A study in restricted entry вели:

Уште во 1869-та година еден член на одборот на Medical Council (владино тело кое ги евалуира докторите) во Онтарио истакнал дека би бил неверојатен благодет за државата доколку ни еден доктор не ги положил испитите во наредните десет години.

После многу години на лобирање, медицинскиот естаблишмент ги добиле монополските привилегии. Подмитувањето на политичарите нормално дека се исплатило затоа што повисоките примања кои им биле загарантирани преку уништувањето на конкуренцијата се многу повисоки од трошоците на лобирањето (владините регулации секогаш им помагаат на мал број на луѓе на сметка на остатокот од општестото).


Левучарите секогаш наивно го бранат принципот на позитивни права (за повеќе информации за позитивни и негативни права прочитајте ја мојата статија: (Хроничниот системски проблем со едукативниот систем). Според нив сите имаме право докторот да не прими, но дали ние ќе умреме чекајќи е сосема друга работа. Според Институтот Фрејзер, просечното време за чекање на пациентите во Канада за следниов процес бил 21.2 недели во 2017-та година.

  1. Упат од општ лекар

  2. Консултација со специјалист

  3. Третман

Во 1993-та година времето на чекање било 9.3 недели, за 24 година има раст од 128%. Ваквото дегенерирање на системот има сериозни последици - од зголемена болка до можна смрт. Во одредени ситуации само поради чекањето настанувале ситуации каде повреди или болести кои инаку се лечливи доколку на време се реагира прераснуваат во хронични болести или хендикепираност. Во една студија од истиот институт во 2014 година можеме да го прочитаме следново:

Судиите на Врховниот суд на Канада забележале дека пациентите во Канада умираат поради листите на чекање за пристап до универзалното здравство.

За жал поплаките на народот остануваат незабележани од неспособните бирократи, случајот на 18 годишната Лаура Хилиер е одличен показател за неефикасното работење на државните болници. Лаура боледувала од леукемија и поради тоа и било потребна трансплантација. Неколку донори биле пронајдени но верувале или не, девојката починала затоа што немало слободен кревет. Краток извадок од статија на The Toronto Star:

Во Јули [2015] Френсис [мајката на Лаура] испратила писма до премиерот Кејтлин Вин и министерот за здравство Ерик Хоскинс во името на Лаура и сите останати пациенти подлежни на "сурово, нечовечко, и потенцијално смртоносно" време за чекање за трансплантација на матични клетки. Ниту Вајн, ниту Хоскинс не одговориле, вели Френсис.

Поради тоа што била принудена да чека, состојбата на Лаура се влошила. Лаура Хилиер почина 6 месеци подоцна...чекајќи слободен кревет!


Здравството како услуга не е различна од било која друга услуга, истата најдобро може да биде услужена преку слободните пазари од претприемачи кои се подлежни на желбите на потрошувачите. За жал денес во Канада како и во нашата држава, здравството е под монополската контрола на коерзивниот апаратус. Приметете како останатите продукти/услуги како храна и облека можеме многу брзо и лесно да ги добиеме на слободниот пазар, така би било и со медицинските услуги доколку ја ослободиме индустријата.

Купувањето на храна или облека е волонтерски договор помеѓу две странки. Од една страна имате потрошувач, од друга произведувач. Во слободните пазари имаме голем број на мотивирани произведувачи кои ги нудат своите услуги, потрошувачите преку нивните одлуки чии услуги сакаат да користат одредуваат кои треба да продолжат со својата работа, а кои треба да престанат да ги нудат нивните услуги.

Во една индустрија како медицинската каде државата има монополска моќ, тоа што ултиматно прави владата е одземање на суверенитетот на потрошувачот што е најважната одлика на капитализмот. Доколку потрошувачот нема било каков избор, влошувањето на здравствениот систем не треба било кого да изненади.


Луѓето наивно како аргумент тврдат дека државата мора да биде инволвирана затоа што пристап до здравствена услуга е човечко право. Ова едноставно не е вистина и е многу опасен начин на размислување, пристап до туѓи ресурси не може да биде човечко право. Кога станува збор за оваа тема, Муреј Ротбард има додадено:

Концептот на 'права' има смисла само кога станува збор за правата на сопственост.

Сите се поседуваме себеси и плодовите на нашиот труд. Многу е лесно да се заклучи дека јас немам било какво 'право' за пристап до храна, медицина, едукација, итн. со оглед дека ова би ги унинштила правата на другите кои ги нудат овие услуги. Доброволна соработка е единствениот начин на кој едно цивилизирано општество треба да функционира.


Советски Сојуз

Советскиот Сојуз била првата државата која имплементирала целосно национално државно здравство. Причините биле:

  • Секој има човечко 'право' за пристап до медицинска услуга.

  • Да се намалат трошковите.

  • Да се елиминира непотребното излишно алоцирање на ресурсите кои се резултат на "дупликацијата и паралелизмот" - со други зборови, конкуренцијата.

После неколку децении на функционирање на системот, лошите резултати станувале се повидливи. Болниците биле 100 години зад нивото на САД. Валканост, мачки кои се шетаат низ ходници, пијан медицински персонал, недостаток на сапун и други основни хигиенски продукти, итн. - се ова оставало впечаток на целосно парализиран и безпомошен систем во кој секој има 'право' да се лечи. Според официјалните Руски проценки, 78% од заразените од ХИВ вирусот се имаат заразено преку валкани игли и преку крв веќе заразен од истиот вирус во државните болници.

Во тоа време во Русија била популарна следнава поговорка помеѓу докторите:

Тие се преправаат дека не плаќаат, ние се преправаме дека работиме.

Сето ова резултирало со катастрофални резултати - високо ниво на корупција и многу смртни случаи.

Пациентите за да го добијат вниманието на докторите морале да ги поткупуваат, сиромашните кои немале пари да ги поткупат истите, умирале поради непотребни компликации кои можеле лесно да се спречат. Лошите одлуки на докторите останувале неказнети, системот едноставно не дозволувал истите да бидат казнети - поплаките на роднините на починатите поради непрофесионалноста на докторите биле игнорирани.


Бирократите многу рано сфатија дека системот е ужасен и дека тие не треба да се лечат преку истиот, токму поради тоа бил создаден 2-слоен систем. Еден за "сивата маса" и еден неспоредливо подобар наменет само за високо позиционираните политичари. Многу често се случувало во Советскиот Сојуз додека обичните луѓе умирале во државните болници, опремата која била потребна за да се спасат останувала неупотребена во системот на номенклатура - следен пат кога некој брани социјализам, потсетете го на овој факт.

Не сакам премногу време да посветам на овој ужасен експеримент затоа што резултатите сами за себе говорат.

Официјалната стапка на смртност на новороденчињата изнесувала 2.5 пати повисока од САД. Дури и оваа статистика се вели дека е лажна, вистинската бројка се проценува на 8.1.

Важно е тука да се додаде дека различни држави на различен начин ги бројат смртоносните случаи на новороденчињата. Во САД се бројат сите смртни случаи, вклучувајќи ги и предвремено родените бебиња каде што впрочем најголемиот дел од смртоносните случаи настануваат. Најголемиот дел од државите не го прават ова, некои не ги бројат смртните случаи кои настануваат во првите 72 часа, некои дури ни во првите 2 недели. Во Куба која се фали со нивната ниска стапка, смртните случаи не се бројат во првите неколку месеци.


Во одредени рурални места како Каракапалкиа, Чеченија, Ингушетија, Саха, и Калмикија, стапката на смртност на новореденчињата изнесувала 10% - оваа статискита ги ставала на иста позиија како Ангола, Чад, и Бангладеш.

Постојат уште безброј други работи кои можат да се набројат за да се добие вистинската слика за ужасните услови низ болниците во социјалистичка држава. Само уште ова сакам да додадам, после 70 години на социјализам, 57% од болниците немале топла вода, 36% од болниците во руралните средини воопшто немале вода и канализација. Интересно е што социјалистичка држава која целосно била фокусирана на развивањето на вселенското изтражување и модерни оружја во целост го игнорирала здравјето на својот народ.


Дури и во Британија која едно време била лидер во медицинското истражување денес резултатите постојано се влошуваат. Институтот на Брукингс преку нивното истражување дознале дека секоја година на следниов број на луѓе им е одбиена медицинска услуга иако веќе имаат платено за истата - преку даноци.

  • Околу 7.000 Британци кои имаат потреба од замена на колковите.

  • Помеѓу 4.000 и 20.000 кои имаат потреба од коронарна бајпас хирургија.

  • Околу 10.000 до 15.000 лица кои имаат потреба од хемотерапија за рак.

Додатно важно е да се истакне дека постарите луѓе постојано се дискриминирани во социјализиран медицински систем. Во Русија на пример, сите луѓе над 60 години се игнорирани, во Британија сите постари од 55 години кои имаат проблеми со бубрезите се одбиени. За 65 годишните бројката е 45%, додека сите над 70 години не можат ни основна медицинска услуга да добијат.


Адвокатите на социјализирана медицина како Мајкл Мур се обидуваат постојано да ги испревртат фактите како што личи на еден социјалистички демагог. Во неговиот документарец Sicko Мур ја споредува медицинската услуга на Американските постари граѓани со комплексни болести со услугата на млади жени во Франција и Канада кои се подлежни на рутински операции. Се прашувам какви резултати би добил доколку спротивното го направи.

Медицинскиот систем во САД е далеку од идеален, заблудите за овој систем се алармантни затоа што наивните лаици како и секогаш проблемите ги атрибутираат на слободните пазари, но како и за многу други работи, истите повторно грешат.


САД

Противниците на слободните пазари секогаш го употребуваат примерот на САД за лошиот здравствен систем, како и секогаш критиките се упатени поради неразбирањето на системот.

Пред времето на Medicare и Medicaid секој можел лесно да се лечи. Цените како и секогаш во пазарната економија биле прифатливи за пошироката маса на популацијата. Што се однесува до најсиромашните кои не можеле ни тие евтини цени да си ги дозволат, докторите самите се грижеле за нив. Пензионираниот лекар и политичар Рон Пол вели дека било кога не прифатил пари од Medicare и Medicaid и дека во тоа време имало посебни попусти за сиромашните. Дополнително, Рон Пол вели дека во тоа време, пред владата да почне да се меша во медицината, секој доктор верувал дека е негова одговорност да се грижи за сиромашните, нешто што за жал денеска не постои пред се поради социјалната сигурност која владата се обидува да ја загарантира за сите. Токму поради ова денес многу мал број на луѓе помагаат на оние на кои тоа им е најпотребно, тоа е пред се затоа што веруваат дека истото е одговорност на некој друг - владата која секој месец ги оданочува токму поради таа причина.


Денеска скоро сите се несреќни со медицинскиот систем во САД, поголемиот дел наивно веруваат дека слободниот пазар е виновен за тоа. Токму спротивното е вистина, слободните пазари се практично непостоечки во медицинскиот систем кој е целосно нарушен поради владините интервенции, регулации, мандати, и други видови на пречки кои не му дозволуваат на слободниот пазар да функционира.

Сите многу брзо заборавија дека со децении медицинскиот систем во САД бил најдобриот во светот, токму таму можеле да се пронајдат најдобрите лекари, болници, медицински услуги, прифатливи цени, и безброј приватни добротворни организации кои се грижеле за сиромашните. За сериозните болести кои се прескапи за просечниот граѓанин имало приватно осигурување додека за обичните рутинирани посети кај докторот секој можел сам да плати - ова е последица на слободните пазари, нешто што веќе долго време не постои во САД. Важно е да се истакне дека осигурувањето е тука само за да не покрие за одредени случаи кои најверојатно нема било кога да се случат како пожар, поплава, озбилна болест, итн. Во САД денес најобични посети кај докторот се платени од осигурувањето, ова е знак дека нешто сериозно не е во ред со системот.


Денес во САД најголемиот дел од луѓето се лечат преку организации како Health Maintenance Organization (HMO), Medicare, или Medicaid. Во систем каде трета странка треба да ги плаќа вашите медицинкси трошкови и тужбите за небрежност се постојани тогаш се создава средина каде докторите за да бидат сигурни и да ги максимизираат трошковите ги нарачуваат сите тестови и третмани. Пред 1965-та година ситуацијата била обратна, докторите и болниците се обидувале што е можно помалку да наплатуваат затоа што пациентите самите плаќале, денес истите се обидуваат што е можно повеќе да наплатат затоа што 3-та странка ги плаќа сметките. HMO е корпоративен бирократски посредник во медицинската индустрија која само ги крева цените и го деградира квалитетот на услугата. Технологијата во сите други индустрии ги намалува цените, само во медицинската ситуацијата е обратна.

Со оглед дека цените денес се ненормално високи во САД поради владината интервенција и регулација на пазарот, се повеќе и повеќе Американци одат надвор од државата за да се лечат. Приказната зад создавањето на HMO е класичен пример на познатиот цитат на Лудвиг вон Мисес:

Владините интервенции создаваат непосакувани последици кои потоа бараат нови интервенции, и се така додека не се стигне до деструктивна спирала од поголема и поголема контрола.

Токму ова се случува денес во САД, последната голема владина интервенција била Obamacare. Во 1970-те Конгресот на САД преку HMO се обиделе да го решат проблемот со растечките цени, но токму истиот Конгрес ги создал проблемите во 1960-те со тоа што ја одзеле можноста од потрошувачот да 'гласа' со своите пари. Мотивацијата да се избере најевтиниот начин на лекување била уништена и цените почнале нагло да растат. Непотребно е премногу детално да се навлегува во оваа тема, главната поента која лесно можеме да ја заклучиме е дека во САД не постојат слободни пазари во медицината. Токму поради истата причина денес факултетите во САД се неверојатно скапи, не толку одамна цените биле прифатливи за пошироката популација. Но Обама со неговите левучарски мерки гарантирал студентски заеми што им дозволило на сите факултети да ги зголемат драстично цените и да се збогатат на сметка на наивните студенти кои денес должат по $100.000 и поседуваат безвредна диплома.

Што се однесува до медицинскиот систем во САД, на оваа тема ќе напишам посебна статија каде детално ќе образложам какви биле цените кога интервенцијата на владата била минимална и со какви интервенции владата во САД ги донесе цените каде што се денес. Лаиците наивно го обвинуваат слободниот пазар и токму поради тоа порано или подоцна медицинскиот систем во САД за жал ќе биде целосно социјализиран.


Заклучок

Не верувам дека постои било кој во нашата држава кој би сакал да се лечи во државната болница. За жал се повеќе слушаме за деца кои умираат поради болести кои се лесно лечливи - ова е директна последица на нашата одлука (народот) што дозволивме неспособни бирократи да ни го контролираат здравствениот систем.

Левучарски демагози постојано не убедуваат дека доколку тие дојдат на власт сите проблеми ќе се разрешат, народот мора да биде доволно интелигентен и да не дозволи вакви празни ветувања да ги донесат на власт. Тоа што на нас ни е потребно е слобода - целосно слободни пазари каде секој кој верува дека може квалитетно да ги служи потрошувачите истото да му биде дозволено. Само на таков начин се создава развој и се крева стандардот на живот.

Било која индустрија која е контролирана од државата се распаѓа, време е народот да се разбуди и да разбере дека проблемите се системски и дека не се на било каков начин поврзани со личноста која го раководи истиот. Нема да настане било каква приметлива разлика доколку на власт се СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ, Левицата, или било кој друг. Народот мора да почне да бара слобода и конечно да ја одземе моќта на политичарите која никогаш не требало да ја поседуваат.


ЈЗУ Клиничка Болница Тетово не толку одамна била обвинета за непотизам, мене најинтересно ми е кога народот е изненаден од вакви случувања. Ова само може да се случи доколку суверенитетот на потрошувачот е уништен, доколку јас не можам да 'гласам' со моите пари тогаш не е толку важно каква услуга ќе добијам. Ова што денес се случува во нашата држава не би се случувало доколку имавме слободни пазари. Доколу болницата била приватна народот би престанал да ги користи нивните услуги и истите би пропаднале и би биле заменети од некој кој подобро знае да ги задоволува потребите на потрошувачите. Ќе повторам уште еднаш за крај, здравјето е премногу важно за да биде оставено во рацете на неспособни бирократи!


© индивидуална слобода и просперитет