• Харис Курбардовиќ

Слободни пазари во монетарниот систем

Поголемиот дел од економичарите кои инаку го бранат принципот на слободни пазари, истото одбиваат да го направат кога станува збор за парите. Милтон Фридман е адекватен пример за една таква личност, инаку голем промотер на индивидуална слобода, лимитирана власт, и слободни пазари, сепак кога станува збор за парите, Фридман и неговите истомисленици веруваат дека монополската контрола од страна на државата е неопходна.

Историски, владите уште од самиот старт ги монополизираа парите. Револуцијата во 18-от и 19-от век од гледна точка на индивидуална слобода и слободните пазари малку постигнаа во задачата на отцепувањето на парите од пипалата на коерзивниот апратус.

Парите се една половина од секоја трансакција и како такви премногу се важни за да бидат оставени во рацете на бирократите.

Неинформираноста на јавноста за потеклото на парите и нивното значење достигна ниво кое на монетарните авторитети им дозволува градуелно да ја уништуваат купувачката моќ на истите.

Парите се неопходни во едно цивилизирано опшстество базирано на слободни пазари и дивизија на трудот. За да ја објасниме улогата на парите, првин мораме да се запрашаме зошто луѓето разменуваат добра? Размената е коренот на едно цивилизирано општество и без меѓусебна размена просперитетот е недостижна цел.

Единствената причина поради која две личности би навлегле во доброволна меѓусебна размена е затоа што го ценат продуктот кој ќе го добијат повеќе отколку продуктот од кој се ослободуваат.

Една од фундаменталните карактеристики на капитализмот е дивизијата на трудот. Единствен начин јас да станам специјалист во мојата професија е доколку во целост се посветам на неа. Таквата посветеност мене ми дозволува поефективно да допринесам во општеството. Но доколку јас не можам да го разменам мојот труд со други добра на пазарот, најверојатно би умрел од глад.


Директна (бартер) и индиректна размена

Директна размена не може да му дозволи на едно општество да се воздигне над примитивното ниво. Една таква размена е возможна само во ситуација каде А и Б ги посакуваат меѓусебните продукти.

Но што доколку А го посакува продуктот на Б, но Б не го посакува продуктот на А? Во една таква ситуација очигледно е дека директна размена е невозможна. За А да ја достигне својата цел (продуктот во посед на личноста Б) мора да најде личност В која го посакува продуктот кој е во посед на А и истовремено го поседува продуктот кој го посакува личноста Б. Во една таква ситуација А би го разменил својот продукт со оној на личноста В, не затоа што му е потребен за негова консумција, туку за да го искористи како медиум за размена. Откако ќе се снабди со продуктот на В тогаш конечно ќе биде во состојба да го размени тој продукт со оној кој му припаѓа на личноста Б и така ќе ја достигне својата цел.

Овој кружен процес може на почеток да делува несмасен но токму овој начин на индиректна размена е тоа што ѝ дозволи на цивилизацијата да се развие и драстично да го крене стандардот на живот.


Бенефиции на парите

Градуелно низ времето одредени стоки биле користени почесто како медиуми за размена. Главната причина била затоа што поседувале квалитети кои ја зголемувале нивната маркетабилност. Најуспешните стоки во оваа трка да станат генерални медиуми за размена биле оние кои пред се ги поседувале следниве карактеристики:

  1. Дивизибилност - стоки кои можат да се поделат во помали ентите без да ја изгубат својата вредност.

  2. Издржливост - стоки кои се издржливи.

  3. Транспортабилност - стоки кои се лесно преносливи на долги дистанци.

Како што маркетабилноста на стоките растела така овие продукти станувале поценети и попосакувани затоа што покрај нивната основна вредност се додавала и таа како медиум за размена.

Низ историјата многу различни стоки биле користени како медиуми за размена. Шеќер, сол, стока во античка Грција, ексери во Шкотска, бакар во антички Египет, итн. На крај останувале само една или две стоки кои се користеле во најголемиот број на трансакции, и токму тие се нарекуваат пари. Слободните пазари преку ваков вид на процес на елиминација ги избраа златото и среброто како генерални медиуми за размена. Доколку ги погледнеме квалитети кои се потребни за една стока да стане генерален медиум за размена (пари) ќе воочиме дека златото и среброто ги поседуваат сите потребни квалитети. Со појавата на парите автоматски се овозможила поспецијализирана дивизија на труд и како последица драстичен напредок на цивилизацијата. Со воспоставувањето на парите, личноста А сега може своите вработени да ги плаќа со пари, личноста Б може својот продукт да го продава за пари кои подоцна ќе ги искористи за да се снабди со продуктите кои на него му се потребни. Овој начин на соработка ѝ дозволува на економијата драстично да напредува затоа што парите се сега лесно дивизибилни и генерално прифатливи од скоро сите жители. Покрај овие очигледни предности кои ги нуди генералниот медиум за размена, има уште една исклучително важна информација која ја добиваме со користењето на парите во нашите трансакции, а тоа се цените.


Поради присутноста на цените овозможена е калкулација што им дозволува на бизнисмените да пресметаат дали нивната инвестиција има повраток. Доколку продуктите кои ги произведуваат можат да ги продадат за повисока цена од капиталните трошоци кои се потребни за нивното производство тогаш очигледно е дека потребите на потрошувачите се задоволени. Цената на еден продукт се одредува според понудата и побарувачката за продуктот. Доколку понудата расте додека се останато останува исто тоа резултира во пониски цени, и vice versa, доколку побарувачката расте додека се останато останува исто тогаш цените растат. Според ова можеме да заклучиме дека поголема понуда на потрошувачки и капитални добра го крева стандардот на живот.

Важи ли истото правило доколку понудата на парите се зголеми? Каков резултат би произлегол доколку квантитетот на парите се дуплира? Ајде да претпоставиме дека целата популација преку ноќ станува двојно побогата. Откако луѓето со нивното новостекнато богаство ќе излезат на пазарите и ќе почнат да ги разменуваат своите пари за потрошувачки добра, резултатот ќе биде генерално (агрегатно) дуплирање на цените.

Општеството како целина не доживува повисок стандард на живот доколку повеќе пари бркаат ист број на продукти. Преку оваа 100%-на инфлација вредноста (моќта на купување) на парите двојно се намалила.


Кратка историја на монетарните системи

Пред да почнам да зборувам за монетарните системи многу е важно да се направи една дистинкција, постои разлика помеѓу пари и валута. За ова да го објаснам мораме да се вратиме назад во историјата. Трговците кога би патувале од град во град со себе нормално носеле пари (злато), за да не го влечат златото со себе додека престојувале во некој град, истите би го оставиле своето злато кај градскиот златар кој би го чувал додека тие тргуваат во градот. Со оглед дека голем број на трговци ова го правеле, златарот им делел сметки/потврди кои подоцна трговците би ги презентирале за да си го соберат златото. Важната дистинкција тука е што златото е вистинката вредност, т.е. парите, сметката која треба да се презентира за да се земе златото е привремена замена, истата сама по себе нема било каква вредност. Земете ја во предвид следнава аналогија, кога ќе отидете на хемиско да го оставите вашето одело, како потврда добивате сметка која нормално откако ќе ви ја тргнат дамката од оделото можете да ја презентирате за да ви го вратат оделото. Вистинската вредност е оделото, сметката е замена, т.е. референца на оделото.

На овој начин функционирал класичниот златен стандард, златото биле парите кои имале вистинска вредност, валутите само биле замени за нив кои централните банки ги принтале за луѓето да не бидат принудени со себе постојано да носат златници.

Првата фаза на светскиот монетарен систем бил токму овој стандард (1815-1912). Ова значело дека сите напредни економии како пари користеле злато, иако постоеле различни валути (долари, фунти, франци), тие само претставувале одредена тежина на злато. Доларот на пример бил 1/20 златна унца, ова значело дека доколку јас поседував $20, сум можел да отидам во банка и да ги конвертирам истите во 1 унца злато. Еден вид на пари (злато) на светско ниво овозможило полесно тргување, странско инвестирање, патување, итн. Последица на ова било поспецијализирана дивизија на трудот што автоматски значело повисок стандард на живот. Најзначајниот елемент на ова монетарно уредување било во тоа што истиот ги ограничувал државите да не ја зголемуваат прекумерно понудата на парите. Со други зборови, да не создаваат прекумерно инфлација. Филозофот и економичарот Дејвид Хјум умешно го објаснил овој процес. Доколку една држава (САД) ја зголемува понудата на парите (принтање на долари) тоа ќе резултира со повисоки цени. Ова го стимулира импортот затоа што цените во странство се пониски отколку домашните. Во исто време експортот се намалува поради истите причини. Ова резултира во дефицит, и овој износ на златото од САД ќе ги присили монетарните авторитети да престанат да ја зголемуваат понудата на парите доколку не сакаат целото злато да го изгубат. Откако ќе го направат тоа цените ќе се спуштат каде припаѓаат и балансот на тргување ќе се врати во еквилибриум.

Овој природен механизам ги ограничува државите во нивните експанзионистички авантури. Иако во 19-от век имало бизнис циклуси (креирани од монетарните авторитети преку инфлација) класичниот златен стандард бил најстабилниот со тоа што овие бизнис циклуси биле драстично помали во интензитет во споредба со модерните.

Деструкцијата на овој монетарен систем не настана поради некаков недостаток на истиот, туку поради наивното верување на народот дека владите ќе го одржат нивното ветување (да не принтаат повеќе замени за пари отколку што поседуваат пари). Првата светска војна сигурно само додаде сол на раната, големата војна ги натера сите држави драстично да ја зголемат понудата на парите што на крајот резултирало со банкрот на истите - се трнаа од златниот стандард. Следната важна фаза во монетарната историја е златниот стандард за размена (1945-1968).

Поради втората светска војна, додека Европа војувала, САД произведувала за потребите на војната и токму поради тоа поголемиот дел од златото во светот завршило кај нив. Како што војната привршувала, монетарните авторитети решија да организираат состанок каде би го решиле овој проблем - непропорционална алокација на златото. Состанокот се одржа во 1944-та година во Бретон Вудс, Америка. На овој многу важен историски состанок САД презентирала лесно решение за енормниот мисбаланс. Идејата била сите останати држави да го користат доларот како замена за злато затоа што во тој период се гледало на доларот како да е подеднакво вреден како златото. Доларот вредел 1/35 унци злато, што значело дека сите држави наместо да поседуваат злато во нивните централни банки, можеле да чуваат долари и нормално кога ќе посакаат истите можеле да ги разменат со златото кое се наоѓало во САД. Уште една додатна разлика на овој монетарен систем било што само надворешните влади и централните банки го поседувале правото за ваква размена. Алтернативен начин да се објасни стандардот би било на следниов начин. Златото е на првото ниво на пирамидата, над него имате долари, и над нив ги имате сите останати валути.

САД преку овој систем била во привелигирана ситуација со тоа што биле овозможени да создаваат инфлација и истата да ја експортираат. Како што 50-те и 60-те години изминуваа, западно Европските држави заедно со Јапонија се повеќе и повеќе негодуваа затоа што беа принудени да трпаат долари кои постојано губеле на вредност. Овој систем сепак им дозволувал на државите кои се противеле на монетарната политика на САД да ги разменат своите долари за злато. Како што монетарно дисциплираните држави од западна Европа почнаа да го практикуваат ова право, златото во САД падна од $20 билиони на $9 билиони. Златниот стандард за размена успешно почна да ја лимитира инфлациската монетарна политика на САД. Како резултат на оваа несмасна политика, во 60-тите години во Европа имало 80 билиони долари, тогаш познати како евродолари. Овој систем очигледно не можел да опстане, доколку продолжел да се практикува, САД би го изгубила сето свое злато. Крајот на овој систем пристигна на 15-ти Август 1971 година. Денот кога Никсон го прекршил ветувањето на САД - можноста $35 да разменат за 1 унца злато. Ова претставувало историски момент, за прв пат во историјата доларот, и преку него сите останати валути станаа фиат (фиат валути претставуваат пари без вродена вредност кои се базирани на државен декрет).

И вака полека стигнавме до моменталниот монетарен систем, флуктуирачки фиат валути (1973-). Во овој систем валутите се врзани една со друга. Доларот во овој период драстично паѓал од ден во ден додека Германска марка, Швајцарските франци, и Јапнскиот јен растеле во вредност. Американските монетарни авторитети предводени од Фридман почнале да веруваа дека ова е идеалниот систем. Проблемот со овој систем е што монетарно стабилните држави нема вечно да седат на страна и да гледаат како нивните експорти стануваат се поскапи. Доколку одредени држави ги девалвираат нивнате валути тоа ќе ги предизвика и останатите истото да почнат да го прават. Ова веднаш прераснува во компетициска девалвуација, контрола на размена на валути, валутски блок, и економска војна.

Контрола на размена на валути е кога владата лимитира продавање и купување на одредени валути. Валутски блок е кога повеќе држави решат да користат иста валута.


Пред доларот да се оддели од златото, Кејнзиенисти и Фридменисти (економичари кои ги следат нивните доктрини) веруваа дека златото ќе падне на нејзиното немонетарно ниво што било проценето на околу $8. Токму спротивното се случи, златото никогаш не падна под официјалното ниво од $35. Ова е последица на прекумерната инфлација која била креирана во 50-те и 60-те години. Моменталниот монетарен систем се распаѓа, ненормално е колку инфлација е создадена на светско ниво. Погледнете ги само цените пред 50 или 100 години. Доларот од воспоставувањето на Федералната Резерва (централна банка на САД) изгубил околу 97% од својата вредност.

Години не делат од новиот монетарен систем, но каков ќе добиеме? Тоа што бирократите и модерните економичари под влијание на идеите на Лорд Џон Мејнард Кејнс го посакуваат е светска валута под контрола на Светската Централна Банка. Ова дефинитивно би решило дел од проблемите кои постојат денес, но не и главниот - создавање инфлација. Со оглед дека би била отворена вратата за нелимитирана инфлација на светско ниво, адаптација на овој систем порано или подоцна би резултирало во економски хаос на светско ниво. Искрено не верувам дека ваков систем ќе стапи на сила и уште поважно се надевам дека нема да стапи на сила со оглед дека ова би бил уште еден удар кон нашата индивидуална слобода. Воспоставувањето на еврото бил голем чекор во тој правец но преголемата моќ во рацете на мал број на луѓе кои треба да одлучат кои држави колку ќе добијат од новокреираната валута е нешто што не може да постои на светско ниво.

Тоа што ни треба е класичниот златен стандард, системот кој овозможил најголем раст на стандардот на живот во историјата. 19-век од гледна точка на индивидуална слобода и просперитет бил сигурно најдобриот до сега. Манчестерската школа предводена од Ричард Кобден и Џон Брајт дури биле толку самоуверени да предвидат дека времето на војните биле зад нас сега кога идеите на индивидуална слобода преовладале. Според нив немало веќе никаква причина народ да војува затоа што преку слободните пазари сите заедно со меѓусебна соработка можеме да просперираме. Малку тие биле свесни дека се на повидок злобните идеи на социјализмот кои ни го донеле ужасниот 20-ти век. Овој век покрај деструкција и смрт исто така донел и неколку многу лоши монетарни системи. Време е да се вратиме на систем базиран на одредена стока како злато и сребро и да ги тргнеме владите од монетарната слика.


Инфлација е поголемо зло отколку што мислите

За разлика од претприемачите кои преку задоволување на желбите на потрошувачите се збогатуваат, власта од друга страна треба да го пронајде најбезболниот начин да ги одземе средствата од своите граѓани. Иако парите придонесоа до поспецијализирана дивизија на трудот и како последица повисок стандард на живот, исто така овозможиле пооптимален и скриен начин на експроприација. Во една монетарна економија, власта се финансира преку одземање монетарни средства - со други зборови данок. Со оглед дека превисоки даночни стапки знаат да предизвикаат револуција, владите мораат да бидат внимателни колку ги оданочуваат своите субјекти. Во еден монетарен систем каков што имаме за жал денес, власта нема потреба сите свои трошоци да ги покрие преку даноци, за остатокот едноставно можат да создадат нови пари.

Во едно нормално и слободно општество владата не би била во состојба преку централната банка (анти капиталистичка институција) да испринтаат нови денари и да ги покријат сите потребни трошоци и воедно да ги наградат своите партиски слуги.

Сега знаеме зошто владите сакаат фиат валута која можат да ја инфлејтуваат колку сакаат, ова им ја врачува моќта да крадат од купувачката моќ на нашите пари без ние да сме свесни за тоа.


Ајде да претпоставиме дека централната банка има испринтано одредена сума на пари и истите ги имаат инјектирано во системот. Најголемата предност тука ја имаат фалсификаторите кои новокреираните пари ги трошат. Како што парите се шират во системот така цените растат. Со оглед дека парите на нееднаков начин влегуваат во системот, имаме победници и губитници. Првите имаат поголем профит и истиот го трошат на сеуште неадаптираните цени, додека вторите сеуште ја имаат истата плата додека цените околу нив растат - нивниот стандард на живот паѓа.

Можеме да заклучиме дека инфлацијата нема генерален социјален бенефит, истата е трка, оние кои први ги добиваат парите се победниците.

Губитниците најчесто се оние со фиксни примања, сите вработени кои имаат плати, пред се тука се мисли на државно вработените на кои најбавно им се крева платата.

Додатни губитници се пензионерите, доверителите, и било кој друг што ја поседува валутата која ја губи својата купувачка моќ.


Додатна мана на инфлацијата е во тоа што ги искривуваат економските калкулации што резултира во лошо алоцирани ресурси. Со оглед дека цените во различни периоди растат, претприемачите не знаат кои цени се транзиционални, а кои постојани. Со создавањето на илузиски профити и искривувањето на цените, инфлацијата ја одзема моќта на слободните пазари да ги казнат неефикасните фирми. Во овој 'бум' дел од бизнис циклусот се остава впечаток дека сите профитираат, но тоа е далеку од вистината.

Инфлацијата додатно казнува штедење и охрабрува позајмување, со оглед дека моменталниот монетарен систем е базиран на фиат валути, тоа им овозможува на државите да принтаат пари, токму поради тоа денес имаме неверојатни долгови на светско ниво. Мотивацијата во еден ваков систем е да се позајмуваат пари и подоцна да се вратат кога помалку ќе вреди валутата. Светлата точка тука е што инфлацијата не може вечно да трае, порано или подоцна луѓето ќе се разбудат и ќе сватат што се случува.

На почетокот на овој процес дел од луѓето одлучуваат да не трошат многу пари, верувајќи дека цените кај и да е ќе паднат и тогаш нивните пари ќе ги потрошат. Ова резултира во поголема побарувачка за парите што го намалува ефектот на инфлацијата. Народот сепак после некое време приметува дека цените продолжуваат да растат, ова ги тера да ги потрошат парите со оглед дека утре цените можат да бидат уште повисоки, во вакво сценарио побарувачката за парите се намалува и ефектот на инфлацијата е целосно видлив - цените почнуваат многу побрзо да растат. Ова вообичаено е последната фаза, народот се обидува на било каков начин да се ослободи од парите, резултат на ова е хипер-инфлација.

Кога луѓето ќе ја изгубат довербата во валутата тогаш стапува на сила процесот "бегање кон вистински вредности". Ова е моментот кога не може да се најде личност која сака да ја поседува валутата, сите почнуваат да ги разменуваат своите фиат валути за вистински вредности - злато, сребро, недвижнини...било што.


Како последна мисла би сакал да додадам дека поради инфлацијата ние денес имаме голема разлика помеѓу богатите и сиромашните. Во едно слободно општество каде имаме пари базирани на одредена стока, власта нема да биде во состојба постојано да ја зголемува понудата на парите. Во еден таков монетарен систем цените постојано би паѓале и со тоа нормално стандардот на живот би растел.


Заклучок

Решението на светско ниво би било монетарниот систем да биде базиран на одредена стока, најверојатно злато. Есенцијално е за да ги задржиме нашите основни слободи да имаме вистински пари кои не можат монетарните авторитети да ги создаваат како магионичари.

Што се однесува до решението на државно ниво, првин централната банка мора да се затвори, истата не смее да постои во една слободна држава. Нивната функција е да ја менаџираат економијата а историјата е кристално јасна во тој поглед. Сите кои се обиделе зад себе оставиле катастрофални резултати. Со оглед дека монетарниот систем би ни бил базиран на одредена стока, тоа не значи дека сите ние би биле приморани да тргуваме со златници. Сертификати/замени за пари/валути би биле принтани но од комерцијалните банки. Доколку јас своето злато го чувам во Банка А, тоа би значело дека во моето секојдневие би тргувал со валута издадена од истата банка. Доколку купам нешто од личност која исто така има сметка во истата банка тогаш сопственоста на дел од златото се менува од мое во негово име. Во ситуација каде јас купувам од личност која има сметка во друга банка, доколку истата личност сака да ги депозитира своите пари во банката може истото да го направи со валутата од мојата банка (Банка А). Откако ќе го направи тоа, неговата банка би го побарала златото од мојата банка со тоа што би ги презентирале нивните валути. На истиот начин на кој златниот стандард ги ограничува државите да не создаваат повеќе сертификати отколку што поседуваат пари (злато), така системот би функционирал и на државно ниво.

Монетарниот систем ни е во ужасна состојба затоа што е во рацете на бирократи кои имаат премногу моќ, неверојатен е фактот што имаме луѓе во нашата држава кои би сакале уште повеќе моќ да им врачат на истите. Тоа звучи како одлична идеја. Ни ги уништивте парите, го уништивте нашиот едукативен и медицински систем...и како награда ние би сакале целата економија да ни ја планирате. Мојата следна статија ќе биде токму на оваа тема - социјализам.

© индивидуална слобода и просперитет