• Харис Курбардовиќ

Социјализам е ропство

20-от век бил почеток и крај на еден енормен економски експеримент - социјализам. Истиот бил детално искритикуван уште во 1920-та година од Лудвиг вон Мисес но за жал неговите предупредувања биле игнорирани. Австрискиот економичар истакнал дека социјализмот е утопична фантазија која е нелогична и неекономска. Системот не може да функционира затоа што доколку не постои приватна сопственост на средствата за продукција тогаш не постои ни пазар, доколку не постои пазар не постојат ни цени, а доколку не постојат цени невозможно е да се алоцираат лимитираните капитални ресурси на што е можно пооптимален начин. Очите би им биле покриени на луѓето кои требаат да ни ја планираат економијата, можеби Сандра Булок некако успеала да стигне до својата дестинација но се сомневам дека резултатот ќе биде ист и со нашите навидум семоќни лидери.

Социјалистите без да одговорат на безброј критики од страна на економичарите продолжиле со нивниот план да заменат билиони индивидуални одлуки на независни потрошувачи во слободните пазари со "рационално економско планирање". Резултат на ова што инаку голем дел од економистите го предвиделе било гладување, недостаток на есенцијални продукти, и масовна фрустрација на популацијата. Откако Советскиот Сојуз одлучил да постави 22 милиони цени, 460 000 плати, и 90 милиони работни квоти за 110 милиони државни службеници, тоа резултирало во целосен хаос.

Социјализмот произвел монструми како Сталин и Мао и донел до нечуени криминали против човечноста.


Денеска живееме во време каде дефинициите постојано се менуваат, ова е честа тактика на демагозите. Добар пример е зборот 'либералец', во 19-от век либералци биле оние кои денес се опишуваат како либертаријанци - луѓе како јас. Денеска за жал, оваа лабела ја користат најголемите противници на индивидуалната слобода - левучарите.

Со социјализмот истото се случува, дефиницијата постојано морфира. Јас ја користам класичната, според мене социјализам е економско уредување кое има за цел да ги социјализира средствата за продукција. Историски дефиницијата за социјализам од секогаш била таа, но доколку некој сака да користи различна дефиниција, тоа е нивно право. Во исто време можат и да ги сменат термините за куче и мачка, тоа би создало големи недоразбирања, но менувањето на значењето на одредени терминологии од секогаш била тактиката на демагозите. Дополнително, важно е да се истакне дека планираната економија која е цел на диктаторите е подеднакво социјалистички настроена колку и социјализмот на оние кои целта се обидуваат да ја постигнат преку демократски пат. Начинот на кој општеството ги социјализирал средствата за продукција е нерелевантно за поентата која ќе се обидам да ја илустрирам во оваа статија. Често оправдување на социјалистите е дека злобен диктатор бил на чело на државата и поради тоа настанале сите проблеми, токму тоа е една од големите мани на овој систем. Хајек тоа го илустрира во "Патот до ропство" (The Road to Serfdom) - дело за кое добил Нобелова награда. Хајек вели:

Злобните луѓе секогаш завршуваат на врвот.

Целта на социјализмот е да ја разменат пазарната економија со тоталитарна владина контрола. Потрошувачите во еден ваков систем не се во можност да одредат што треба да се произведува, со каков квалитет, и во кој квантитет преку купување и апстиненција од купување на одредени добра. Наместо желбите на потрошувачите, владиниот уникатен план ќе го одреди тоа. Патернистичка контрола од страна на коерзивниот апаратус ќе не деградира на ниво на обични работници каде мораме да ги исполнуваме наредбите на владата без да поставуваме било какви прашања.


Овој идеолошки конфликт помеѓу борците на слободата и оние кои сакаат да го планираат секој сегмент од нашите животи може да се разреши само преку одговарање на прашањето дали планирата економија треба да биде имплементирана на сметка на слободните пазари. Не ни е целта да правиме дистинкции помеѓу различни тоталитарни уредувања или да претпоставуваме како системот би функционирал доколку 'вистинските' луѓе се на власт. Било кој систем кој зависи од вистински човек да го менаџира не е добар систем.


Социјалистите постојано го критикуваат економскиот систем базиран на слободни пазари и приватна сопственост, но во ни еден момент не се обиделе да ни објаснат како точно ќе функционира економијата во една социјалистичка држава. Ни опишуваат утопија каде луѓето за прв пат ќе 'уживаат' во нивната работa, како сите ние ќе станеме значајно побогати, како сите ние ќе бидеме среќни...само уште да објаснат како точно таа фантазија ќе стане реалност.

На Маркс мора да му се признае една работа, бил неверојатно вешт демагог. Тој многу умно им 'забранил' на неговите истомисленици да се занимаваат со економските проблеми и пред се да се фокусираат на експропријацијата на експропријаторите.


Кратка историја на социјализмот

Според Маркс и Енгелс термините социјализам и комунизам биле синоними. Истото важело и за сите групи и секти кои ги прателе доктрините на Маркс се до 1917-та година. Политичките партии кои гледале на комунистичкото манифесто како нивна света книга себеси се нарекувале социјалистички партии. Највлијателната меѓу нив која впрочем била лоцирана во Германија се нарекувала Социјално Демократска Партија. Ни еден комунист во тоа време не правел дистинкција помеѓу комунизам и социјализам. Важно е да се додаде дека Маркс верувал дека ќе постојат две фази во идната комунистичка држава - ниско (рана) и високо (доцна) фаза на системот.


Кај Маркс можат да се најдат многу парадокси, од една страна тој верувал дека социјализмот ќе го замени капитализмот затоа што тоа е дел од природната еволуција која е независна од желбите на народот. Токму поради таа причина, без оглед што обичниот човек сака да направи за да го убрза, успори, или спречи тој процес, сите тие напори се бесцелни. Од друга страна, Маркс се обидел да организира политичка партија која имала за цел преку револиција и граѓанска војна да го замени капитализмот со социјализмот. Достигнувањето на било каква цел на нормален човек кој верува во демократија и кој ја почитува желбата на останатите сограѓани е преку разубедување, но Маркс не бил таков индивидуалец. Тој посакувал да воспостави диктаторство на пролетеријанците и да ги истреби сите буржоази.

Мерките кои биле адаптирани од различни социјалистички партии низ Европа биле многу различни од методите во кои Маркс верувал. Истите се обидувале преку парламентарно мнозинство да дојдат на власт за да можат да ја спроведат транзицијата од економска слобода до економско ропство.


Во една од ретките работи со кои се согласувам со Маркс но поради сосема различни причини е дека интервенционизмот не им помага на пролетеријанците. Маркс не верувал дека мерки како минимална плата, рестрикции на каматни стапки, пензии, итн. се чекори кои ќе го отворат патот до социјализмот. Тој сакал радикална аболиција на платниот систем кој може само да биде воспоставен во високата/доцната фаза на комунизмот. Тука би сакал да додадам дека токму спротивното е вистина, интервенционизмот е чекор токму во таа насока. Доколку дозволиме моќта на владата да расте и последователно дозволиме се повеќе да се меша во економијата така се повеќе ќе се приближуваме до економско ропство - социјализам. Мисес многу умно истакнал:

Политики кои се на пола пат (од социјализам и капитализам) водат до социјализам. (Middle of the road policy leads to socialism)

Маркс бил во целост убеден дека е потребно сите чекори на социјалната еволуцијата да бидат комплетирани за да дојде денот на социјализмот. Феудализмот треба да биде наследен од капитализмот и откако последниот час на капитализмот ќе отчука ќе дојде времето на социјализмот. Ова е најверојатно потребно затоа што слободните пазари мораат првин државата да ја збогатат преку луѓе кои напорно работат и придонесуваат во општеството за подоцна палавите сезнајковци кои немаат било што значајно допринесено да го потрошат богаството кое се акумулирало со генерации.

Ова верување на Маркс значело дека Руските марксисти морале да чекаат феудалната Русија да стане капиталистичка за потоа да дојде денот на социјализмот, но Русите не биле стрпливи. Тие одлучиле да го прескокнат тој чекор од социјалната еволуција и веднаш да воспостават социјализам.


Социјализам и комунизам се одделија како терминологии во 1917-та година. Ленин како лидер на Комунистичката партија во Советскиот Сојуз гледал на Европските социјалисти како предавници кои треба да се убијат затоа што не сакале да употребат сила и преку крвава револиција да го заменат злобниот капитализам со 'утопичниот' социјализам. Истите се обидувале нивните цели да ги остварат на демократски начин како што доликува на цивилизирани луѓе кои почитуваат туѓи мислења.

Ленин не гледал било каква разлика помеѓу социјализам и комунизам како социјални системи. Иако партијата се викала комунистичка партија тоа не значи дека целта на Ленин била комунизам наместо социјализам. Официјалното име на државата било Сојуз на Советските Социјалистички Републики (не Комунистички). Ленин сакал себеси да се нарекува комунист за да се разликува од Европските социјалисти кои не ги гледал како вистински социјалисти туку како скриени капиталисти.

На ваков начин се создала разликата помеѓу социјалистите и комунистите. Оние кои не сакале да паднат под влијание на Москва себеси се нарекувале социјалисти. Целта била иста, разликата била начинот на кој треба да се оствари истата.

Во 1928-та година во програмата на Комунистичката Интернационала во Москва и официјално се создаде разлика помеѓу комунизам и социјализам (не како до сега каде имало разлика само помеѓу комунисти и социјалисти).

Според овој нов доктрин, социјализам е социјален систем кој е базиран на општествена контрола на средствата за производство и целосен менаџмент на сите процеси на продукција и дистрибуција од централен авторитет. Од оваа гледна точка двата система се исти. Разликата е во тоа што нема еднаквост во порциите кои се алоцирани на секој индивидуалец за негова консумација.

Според Сталин социјализам бил социјалниот систем кој Маркс го опишавал како рана фаза на комунизам, додека комунизам бил доцната фаза. Со други зборови, според Сталин социјализам е социјален систем кој се движи кон комунизам, но сеуште не го дотигна тоа ниво. Социјализам ќе стане комунизам кога ќе се зголеми богаството кое треба да настане како последица од социјалистичките методи на продукција кои ќе го кренат стандардот на живот на широката популацијата. Во социјализмот на Сталин висок стандард на живот имале само оние кои се поставени на високи политички позиции, откако системот ќе морфира во комунизам таа неправда ќе се корегирала.


Верувам дека е очигледна причината за оваа нова дистинкција. Сталин морал да пронајде начин да објасни зошто стандардот на живот на широката популацијата е на толку пониско ниво во споредба со народот од капиталистичките земји. Дополнително сакал да го оправда фактот зошто постои мал дел на привилегирани лица кои имале буржоаски животен стил додека добар дел од народот немале основни средства за преживување.


Економска калкулација во социјалистичко општество

Во социјализмот сите средства за продукција припаѓаат на општеството како целина. Вообичаено наивниот човек кога ќе ја слушне дефиницијата убаво му звучи, но тоа што луѓето не го земаат во предвив е дека општеството како целина не одлучува што ќе се произведува, со каков квалитет, и во кој квантитет. Оваа одлука ја донесуваат одреден број на луѓе во наше име.


Теоријата на економска калкулација ни покажува дека во социјалистичко општество калкулацијата е невозможна. Во една голема и комплексна економија базирана на приватна сопственост имаме најразлични компании кои се обидуваат да искалкулираат дали нивните проекти се профитабилни. Под профитабилни мислиме дали народот е спремен да плати повеќе од потребните капитални трошоци за тие добра. За една ваква калкулација да биде возможна што би им овозможило на претприемачите да ги задоволат потребите на потрошувачите мора да постои пазар, а за пазар да постои мора да има приватна сопственост на средствата за продукција. Токму поради овој факт, колку и да има луѓе кои фантазираат за социјализам, системот едноставно не може да функционира. Доколку нема приватна сопственост на средствата за продукција тогаш нема пазари, доколку нема пазари нема цени, доколку нема цени невозможна е калкулацијата.

Одредени луѓе веруваат дека е возможно да се дозволи некаков вид на размена помеѓу различни групи на претпријатија и на таков начин да се основаат цените и да се овозможи економска калкулација во социјалистичко општество. На ваков начин иако не е дозволена приватна сопственост на средствата за продукција, индивидуални гранки на индустрии со одделени администрации би биле создадени. Дури и во овој случај главната поента е игнорирана. Цени на продуктивни добра можат да бидат основани само доколку постои приватна сопственост на средствата за продукција. Доколку еден синдикат своите добра ги пренесат кај друг синдикат цена може да биде формирана само доколку двата синдиката ги поседуваат средствата за продукција во таа индустрија. Но ова веќе не е социјализам туку синдикализам.


Што се однесува до теоријата на вреднсот на трудот, прашањето на кое мораме да одговориме е дали трудот можеме да го користиме како основа за економоска калкулација во едно социјалистичко општество.

Ќе се обидам во што е можно помалку реченици да објаснам зошто овој начин на размислување е во најмала рака наивно. Бохм-Баверк дури ја опиша тероријата како:

ремек-дело на неверојатна наивност.

Без да навлегувам во детална анализа, единствено треба да се одговори дали постои начин да се одреди вредност на еден производ без вредновање од потрошувачите. Одговорот е не! Асимилација на едноставен труд со комплексен труд не ни помага во разрешувањето на овој проблем. Јас можам да работам нешто што е многу комплексно и што можат да го работат само мал дел од популацијата, но тоа не му задава некаква посебна или дополнителна вредност на истиот труд. Која е поентата доколку потрошувачите не ја вреднуваат мојата напорна работа?

Долго се верувало дека оваа теорија била доволна од етичка гледна точка за барањето на социјализација на средствата за продукција. Денес знаеме дека тоа не е точно. За да постои социјалистичка продукција базирана на дивизија на труд мора да има некаква објектна вредност која би дозволила економска калкулација во општество во кое нема размена, а трудот делува како единствено нешто што може да се употреби за таа намена. Со оглед дека покажавме дека теоријава е невалидна, ова е само уште еден проблем кој социјалистите мораат да го решат.


Главниот проблем на социјалистичка економија е невозможноста на калкулација. Долго време социјалистите во целост го игнорирале овој проблем, ова е само знак за тоа колку силни биле ефектите на Маркс кога 'забранил' научна валидација за функционирањето на овој систем.

Дури и за момент да ги игнорираме сите останати проблеми на социјализмот, на крајот на денот социјалистите доколку не можат да докажат дека е возможна економска калкулација во систем каде не постои приватна сопственост на средствата за продукција, се останатно е нерелевантно. Можат уште колку сакаат крв да се пролеат за оваа злобна идеологија да се аплицира, тоа нема да го смени фактот дека социјализмот не може да функционира.

Системот е против науката и против здравиот разум, оптимистот во мене вели дека на крајот на денот здравиот разум ќе победи.


Не може да постои политичка слобода без економска слобода

Пред да го споделам моето мислење за овој многу важен факт кој голем дел од луѓето го игнорираат, првин би сакал да споделам цитати на оваа тема од многу попаметни луѓе од мене. Ќе почнам со Лудвиг вон Мисес:

Слобода во каква уживаа луѓето во западната цивилизаија во годините на триумфот на стариот либерализам не бил продукт на уставите, законите, и статутите. Целта на тие документи била да ја сочуваат слободата која била поткрепена од функционирањето на пазарната економија.

Фридрих Хајек:

Можете да имате економска слобода без политичка слобода, но не можете да имате политичка слобода без економска слобода.

Коренот на грешката во верувањето дека интервенција од коерзивниот апаратус во работењето на слободните пазари е потребна е дека владата на тој начин ќе ни го подобри животот.

Многу е интересен фактот што поголемиот дел од луѓето страствено го бранат принципот на политичка слобода, но имаат сосема различно мислење кога станува збор за економска слобода. Прашајте било кого дали верува во слобода на говор, слобода на практикување на својата религија, слобода на протест, итн. - ви гарантирам дека во најголемиот број од случаите ќе добиете позитивен одговор. Сега поставете го истото прашање кога станува збор за економска слобода. Тешко е да се најде човек кој е доволно константен во неговите одговори. Кога владата преку нејзината коерзивна моќ се меша во слободните пазари на било каков начин, истата практично ни кажува дека не и е гајле што потрошувачите сакаат и за кого гласаат со нивните пари, тие ќе одлучат во наше име кои компании треба да бидат успешни.

Не можете во исто време да верувате во парламентарна демократија а да се противите на економска 'демократија'. Замислете истото да се случи после парламентарни избори, владата да ни каже фала ви за вашите гласови но ние сепак ќе останеме на власт.


Да се вратиме сега на момент на темата на статијата, ајде да претпоставиме дека живееме во една социјалистичка држава и сите ние нормално сме државни службеници. На каков начин може мене било кој да ми гарантира политичка слобода? Ајде да претпоставиме дека на мене не ми се допаѓа начинот на кој владее моменталната власт и нормално јас практикувајќи ја мојата слобода на говор ќе почнам истата да ја критикувам. Што ја спречува владата мене како програмер да ме отпушти и да ме пренасочи да работам во комунална хигиена? Сигурен сум дека образложението нема да биде затоа што ја критикувам власта, но на кој му е гајле за официјалното образложение. Дополнително, преку кои канали би можел јас воопшто да ја критикувам власта? Што доколку сакам да изнајмам сала и да одржам говор. Власта едноставно нема да ми дозволи, ќе ме информира дека е одлучено некое друго лице да држи говор и поради тоа јас ќе морам да ја сочекам мојата следна прилика. Можеме со голема доза на сигурност да препотсавиме дека избраниот говорник ќе биде некој кој е голем симпатизер на моменталната власт.


Ајде сега истиве примери да ги употребиме во една држава базирана на приватна сопственост и слободни пазари. Доколку салата е приватна, јас ќе платам и ќе ми биде дозволено да одржам говор, доколку газдата на таа сала не сака да ми дозволи од било која причина, јас можам да отидам во некоја друга сала каде истото ќе ми биде дозволено. Дополнително, јас можам колку сакам да го споделувам моето мислење за моменталната власт. Дури и мојот газда да ме отпушти поради моите политички ставови, јас секогаш можам да најдам друга работа, на пример кај некој кој попаметно раководи со својот персонал.


Токму поради овие причини јас постојано велам дека социјализам е ропство. Верувам дека добар дел од луѓето кога ќе го прочитаат насловот на статијата нема иницијално да се согласат со мене, но се надевам доколку стигнаа до тука дека ги разубедив.

Социјализам како што веќе напоменав не може да функционира, но дури и да може ние како самостојни индивидуалци кои сакаме да останеме слободни мораме да се противиме на овој злобен систем кој сите политичари би сакале да се имплементира затоа што истиот ќе им врачи практично неограничена моќ.


Заклучок

Не ми претставува големо задоволство да пишувам на оваа тема затоа што искрено верувам дека има многу поважни современи проблеми кои треба да се покријат. Овие работи до сега треба на сите да им бидат јасни. За жал социјализмот полека се враќа на големата сцена и се повеќе и повеќе млади луѓе ги прифаќаат овие доктрини. Ова е пред се затоа што модерните проблеми наивно ги атрибутираат на слободните пазари иако се дело на интервенционизмот.

Во оваа статија целта пред се ми е да илустрирам дека социјализмот не може да функционира и дека истиот сите нас ќе не претвори во робови кои не смеат да се противат на диктатите на коерзивниот апаратус. 20-от век ни демонстирал што се случува кога преголема моќ наивно ќе им ја врачиме на мал број на луѓе кои очигледно подобро знаат од нас што е подобро за нас. Кога станува збор за дебата помеѓу капитализам и социјализам, се се сведува на слобода или авторитатизам, на доброволна соработка или употреба на сила од страна на владата. Не знам за вас но јас секогаш бирам слобода.

© индивидуална слобода и просперитет