• Харис Курбардовиќ

Хроничниот системски проблем со едукацијата

Updated: Jan 20, 2019

Формалното школување е само мал дел од целокупната едукација на една личност. Најзначајниот развој кај децата во нивните рани години е менталниот - психичката моќ која почнува да се разива. Оваа нова способност му овозможува на детето да перцепира и да размислува. Преку новопронајдената способност постојано учи за себе и за луѓето околу себе. Почнува да ги формулира првите идеи, смислува како да достигне одредени цели, итн. - целиот овој процес се нарекува едукација.


Една од најголемите убавини кај луѓето е нивната разновидност. Сите сме уникатни во поглед на нашите цели во животот, вкусови, интереси, способности, итн. Тоа е и главната разлика помеѓу нас и животните, кај нив можеме да приметиме исти особини базирани на инстинкт.

Една од есенцијалните причини за напредокот на цивилизацијата е токму разновидноста помеѓу луѓето која им дозволила да се специјализираат во различни полиња што им субсеквентно дозволило поефективно да допринесат во растот на стандардот на живот.

Дивјаците практично не се разликуваа едни од други, со други зборови - дивјаците се униформни. Единствените разлики кои можеме да ги воочиме кај нив се нивниот пол, возраст, големина, и сила. Дивјаците малку размислуваат и токму поради тоа униформноста е толку лесно претпознатлива.

Следното ниво, барбаризам, има зголемени вариации на функции. Може да се приметат одредени дивизии на трудот, поголема комуникација, подобро лидерство, итн.

Финалната фаза, која ја нарекуаме цивилизација ни демонстрира највисоко ниво на специјализација. Денеска постојат безброј различни професии и идеи. Дистинкциите можат да се приметат во било кое поле.

Тоа што можеме да го заклучиме од овие факти е дека рудиментарните општества се карактеризирани според нивната сличност, девелопираните се спротивни. Како што одиме надолу имаме униформност и монотоност, како што одиме нагоре имаме нееднаквост и различност.

Доколку целта ни е еднаквост тогаш единствен начин тоа да го постигнеме е да направиме неколку чекори наназад во прогресот на човечката цивилизација.

Модерниот (се погласно нагласуван) ентузијазам кон еднаквост е анти-човечки. Оваа нееднаквост не треба да се меша со еднаквоста пред законот. Сите луѓе се еднакви во тој поглед, еднаквост во можности е благородна цел, еднаквост во исход неизбежно носи до деструкција на прогресот.

Со оглед дека сите сме на одреден начин уникатни, логиката диктира дека постојат безброј варијации на брзини на предавања и комбинации на предмети кои најдобро одговараат за широкиот спектар на уникатни деца.

Со употреба на дедуктивна логика можеме да заклучиме дека најдобар вид на едукација е 1 на 1, на овој начин професорот може во целост да се посвети на уникатноста на детето и според тоа да ја приспособи комбинација на предмети и брзината на предавањето. Родителите не се во состојба да им овозможат на нивните деца ваков вид на едукација поради финансиски пречки. Поради тоа приморани се да ги пратат на училиште каде нивните деца го делат професорот со соучениците. Големата разлика помеѓу државните и приватните училишта од овој сегмент е во нивото на разновидност помеѓу училиштата која би била понудена во двата система. Без централна контрола на материјалот, начинот на предавање, времетраењето на предавањата, итн. би се овозможил поголем контраст помеѓу училиштата. Во системот кој е базиран на слободни пазари каде нема било каква инволвираност од државата во едукацијата, училиштата кои би никнале за да ја задоволат потребата на потрошувачите би биле доволно разновидни за секој родител да биде во состојба да го пронајде вистинското за неговото дете според неговиот уникатен карактер.


Монопол или слободни пазари?

Поради монополот во едукативниот систем кој што е присутен насекаде околу светот прогресот во оваа индустрија е практично непостоечки. Споредете го начинот на кој децата денес се едуцираат со оној пред 100 години, 30 ученици зад маси кои на памет учат исти лекции без оглед на нивните аптитуди, интелегенција, желба, итн.

Едукативниот материјал е селективен и во едно општество каде имаме слободен пазар во едукација ќе имаме голем број на различни училишта кои ќе ги задоволуваат различните потреби на потрошувачите. Алтернативата е да дозволиме државата да одредува што нашите деца треба да учат и кога тоа треба да го научат. Во еден таков систем кој е политички контролиран неизбежно е порано или подоцна да се 'пере мозокот' на децата за да ги прифатат идеологиите кои компулсивната власт сака да ги наметне на општеството. Откако ваквите доктрини ќе бидат прифатени, невозможна станува мисијата да се ослободи народот од влијанието на државата. Го поседувала неговото тело и мозок уште од детството. Октоподот попрво би го ослобил својот плен.

Важно е тука да се додаде дека дури и постоечките приватни училишта мораат да исполнуваат одредени услови за да им биде дозволено да ги нудат своите услуги.

Добар начин да се гледа на овој проблем е преку следнава аналогија. Замислете државата на ваков начин да се меша во слободата на медиумите. Со компулсивно собирање на пари преку даноци да отвори ланец на државни медиуми. Адиционо, доколку некој сака да отвори приватен медиум мора да ги исполни 'стандардите' на државата.

Државните јавни медиуми би биле карактеризирани како инвазија на основната слобода на медиумите. Но зар не е слободата родителите да одлучат што нивните деца треба да учат подеднакво важно? Дури лесно може и да се креира адекватен аргумент дека е и поважно со оглед дека станува збор за сеуште неоформени мозоци кои се лесно сусептибилни на манипулација.


Едукацијата како и било кој друг сервис најдобро може да биде обезбедена преку слободниот пазар. Како што имаме различни приватни фирми кои се натпреваруваат да ни понудат што е можно подобра услуга за што е можно пониска цена во било кое друго поле така би било и во едукативната индустрија. Замислете колку подобра едукација би добивале децата денес доколку индустријата беше целосно приватизирана сето ова време. Како споредба погледнете го напредокот во било кој друг сектор кој е целосно приватизиран.

Ние сме во ситуација каде треба да избереме помеѓу 2 система.

Во првиот имаме монопол кој преку коерзивната моќ на државата се финансира преку нашите даноци каде суверенитетот на потрошувачот е нарушен со тоа што веќе не му е дозволено да 'гласа' со своите пари. Во вториот систем имаме слободни пазари каде секој може да се вклучи и да ги понуди своите услуги (и во моменталниот систем претприемачите можат да ги нудат своите услуги, но невозможна е мисијата да се натпреварувате со државата која коерзивно се финансира без оглед дали ги користите нивните услуги). Убавината на слободните пазари е што потрошувачот е газдата, најпрофитабилните училишта би биле оние кои најдобро ги задоволуваат желбите на потрошувачите. Ваква конкурентска средина која е резултат на слободните пазари е единствен начин да имаме напредок од година во година.

Професорите би биле помотивирани што е можно подобро да ги едуцираат децата знаејќи дека добрите резултати веднаш можат да бидат наградени со тоа што родителите ќе ги запишуваат нивните деца во тоа училиште што субсеквентно значи дека газдата повеќе ќе заработува пари што ќе му овозможи да ги зголеми платите на најдобрите професори. Од друга страна имаме систем каде бирократите треба да одлучат колку професорите треба да заработуваат.

Што мислите, кој систем ќе ни понуди подобар квалитет и пониски цени? Првиот каде имаме монополска моќ на државата и целосно загушување на слободниот пазар? Или системот каде имаме голем број на различни училишта кои се натпреваруваат меѓусебно да ни понудат што е можно пониска цена и подобра услуга?


Безвредни дипломи

Погрешните инсентиви кои се раѓаат кај децата и родителите денеска поради расипаниот едукативен систем е главната причина за несоодветно едуцирани ученици покрај добрите оценки и дипломите. Поголемиот дел од родителите го следат прогресот на едукацијата на нивните деца преку нивните оценки. Тоа им ги заматува очите со тоа што забораваат дека оценките се безвредни доколку учениците не стекнуваат вистинско знаење. Бесцелен е трудот на учениците кога од нив се бара на памет да научат некои работи за повисока оценка иако не го разбираат материјалот и како резултат нормално за кратко време го губат новостекнатото 'знаење'. За жал токму така ни функционира системот кој е застарен и зрел за промена, но за да дојде до промена потребно е целосно државата да се тргне од патот и да им дозволи на слободните пазари да функционираат. Во системот кој што јас би сакал да го видам во нашата држава, родителите пред се би барале нивните деца добро да бидат едуцирани, оценките нормално би паднале во втор план (под претпоставка дека во приватното училиште каде е запишано детето воопшто постојат оценки).

Уште еден добар пример за нашиот расипан едукативен систем се безвредните дипломи. Единствената причина поради која дипломите според дел од луѓето повеќе вредат отколку знаењето е затоа што државата им ја задава таа вредност (дипломите издадени од приватните факултети кои државата ги признава се подеднакво релевантни во овој пример). Сите родители кои на своите деца им ги 'купуваат' дипломите ги користат истите само за да се вработат како државни службеници.

Во приватниот сектор нивните дипломи немаат било каква вредност, работодавачите бараат личност која е соодветно едуцирана и може успешно да им ја заврши работата. Денеска ИТ индустријата е одличен пример за поентата која што сакам да ја илустрирам. Доколку ве бива како програмер нема да имате било какви проблеми веднаш да се вработите без оглед на вашиот едукациски бекграунд.

Доколку целосно го приватизираме нашиот едукативен систем, оценките и дипломите ќе ги добијат нивните вистински вредности додека знаењето пак ќе стане примарната причини поради која родителите ги праќаат своите деца во училиште.


Компулсивна присутност на децата во училиштата

Главното прашање на кое мораме да одговориме тука е на кого му припаѓа детето? На родителите или на државата? За пропонентите на слободно општество одговорот на ова прашање е очигледно. Детето е буквален продукт на родителите и според принципите на индивидуална слобода, индивидуалецот се поседува себеси и неговите продукти.

Алтернативата е државата да го има финалниот збор, овој напад на основните човекови права е монструозен од гледна точка на индивидуална слобода.

Во ваква ситуација неизбежно е државата да импозира униформна едукација каде колективизмот ги уништува правата на индивидуалецот.

Во ваков систем разновидноста помеѓу луѓето драстично се намалува и како последица добиваме пасивни следбеници на диктатите на државата.

Гротесен е фактот дека денес ми е забрането да не го пратам моето дете на училиште со тоа што сакам лично да го едуцирам.


Едукација е човечко право?

Кога зборуваме за човечки права, многу е важно да направиме дистинкција помеѓу позитивна и негативна слобода.

Позитивните права бараат остатокот од општеството да не снабдат со услуги или добра, негативните права од друга страна само бараат остатокот од општеството да не ни се меша во нашите акции. Доколку веруваме во индивидуална слобода и во негативните права тогаш исто така мораме да веруваме дека секое позитивно 'право' мора да биде волонтерско.

Позитивната слобода субсеквентно можеме да ја дефинираме како недостаток на интерни пречки додека негативната слобода недостаток на екстерни пречки.

Доколку јас имам желба да патувам до Охрид, според негативна концепција на слобода, јас сум слободен се додека некој активно не ме спречува. Мојата негативна слобода би била нарушена доколку некој ми го украде автомобилот или комшијата ме заврзе во неговиот подрум.

Но што доколку јас сум премногу сиромашен за да си дозволам пат до Охрид? Или, што доколку сум премногу болен? Тука мене било кој не ме активно спречува така да мојата негативна слобода не е злоупотребена. Мене ми недостига капацитетот да ја исполнам мојата желба и поради тоа мојата позитивна 'слобода' е нарушена.

Либертаријанците веруваат дека владата треба само да се грижи за негативните слободи на своите граѓани. Доколку воедно се обиде да ги овозможи и позитивните 'права' тогаш автоматски ќе ги наруши негативните на дел од општеството. За на мене да ми биде овозможено да патувам до Охрид, остатокот од општеството треба да ми плати билет или моите медицински трошкови (според примерот кој го употребив).

Воедно важно е да се истакне, доколку владата активно ги овозможува нашите позитивни права неизбежно е дека ќе завршиме со помалку негативни и позитивни права (за ова ќе зборувам повеќе во некоја наредна статија).


Заклучок

Не верувам дека постојат многу луѓе кои го бранат нашиот моментален едукативен систем. Имаме деца кои се фрлаат од прозори, надворешни бизнисмени кои се жалат за несоодветен кадар, студенти кои ги купуваат своите дипломи, итн.

Вистинското прашање е кое е решението? Сите решенија кои до сега ги имам прочитано бараат поголема инволвираност на државата, ова е очигледен знак дека луѓето кои подржуваат вакви мерки не разбираат од каде потекнуваат проблемите. Не постои некоја супер интелегентна личност која ќе дојде и ќе ни ги реши проблемите, какви и мерки да се аплицираат одредени деца ќе бидат повредени. Не можеме сите ученици да ги ставиме во една кутија и да ги третираме како животни кои не се разликуваат едни од други. Решението е државата во целост да се тргне од патот и да му дозволи на капитализмот да функционира. Конкуренцијата ќе ги стави претприемачите во ситуација каде постојано ќе бидат на нивните прсти, целосно фокусирани сите наши желби што е можно подобро да ги задоволат. Се надевам дека мал број на луѓе ќе претпостават дека цените во еден ваков систем би биле превисоки, тоа автоматски покажува недостаток на основно економско познавање. Цените ќе бидат пониски и квалитетот ќе биде на повисоко ниво, тоа секогаш беше и ќе остане консеквенцата на компетитивните слободни пазари (подетално ќе зборувам за ова во некоја од наредните статии).

За дел од луѓето кои загрижено ќе претпостават дека одредени родители нема да можат да си дозволат да ги запишат нивните деца на училиште, оправдана е вашата загриженост. Сигурно ќе има дел кои едноставно нема да можат тоа да си го дозволат, за тој мал број на луѓе сите ние заедно со помош на добротворните организации треба да се погрижиме. Со оглед дека државата повеќе нема да биде на било каков начин инволвирана во едукацијата на народот, даночната стапка ќе падне што значи дека луѓето повеќе пари ќе имаат, што субсеквентно им дозволува повеќе да помагаат на оние на кои тоа им е најпотребно. Решението на овој проблем сигурно не е целосно да го уништиме системот само затоа што дел нема да имаат пристап. Денес сите одат на училиште, но колкумина се едуцирани? Луѓето кои бранат позитивни слободи тврдејќи дека пристап до едукација е човечко право секогаш го игнорираат проблемот со квалитетот. Секако дека државата може да не снабдува со едукација, медицински услуги, храна, облека, итн. Но со каков квалитет и по која цена?

Историјата е кристално јасна во овој поглед, пазарната економија најефективно ги распределува лимитираните ресурси. На нас останува да одлучиме, сакаме да живееме во општество каде државата коерзивно ги тера нашите деца да одат на училиште и да учат работи кои бирократите ги диктираат? Или сакаме да живееме во слободно општество каде едукацијата како и било кој друг сервис ќе биде снабдена од слободните пазари каде потрошувачот сам може да одлучи чии услуги сака да користи и на тој начин да ги наградува училиштата кои добро ја вршат нивната работа и истовремено ги казнува оние кои неадекватно ги едуцираат нашите деца. Не знам за вас, но јас секогаш бирам слобода.

© индивидуална слобода и просперитет